Му требаа пет години, но во 2022 година Давидовски стана првиот Македонец што успеал да победи на TCR Europe трка, а потоа и да биде првиот наш сонародник што возел на светскиот FIA WTCR. На трката во Џеда се искачи на подиумот како второпласиран. Притоа две сезони ја има титулата од Diamond Cup во TCR Europe..
Разговарал: Горан Антевски
Фото: FIA WTCR / TCR Europe
Во време кога домашниот македонскиот авто спорт не може да се пофали со некои резултати, една светла точка силно сјаеше на европското и светско небо покажувајќи дека тука покрај нас, на некоја од скопските улички живеат одлични возачи кои се достојни да бидат „тркало до тркало“ со најдобрите европски и светски “мајстори на брзините“.
Виктор Давидовски покажа дека работата носи резултати, дека само со желба, цел, мотив и работа можат да се исполнат сите соништа. Му требаа пет години, но во 2022 година Давидовски стана првиот Македонец што успеал да победи на TCR Europe трка, во Франција, а потоа и да биде првиот наш сонародник што возел на светскиот FIA WTCR со 15 најдобри возачи од целиот свет. Притоа две сезони ја има титулата од Diamond Cup во TCR Europe.
Неговиот успех може да се опише со мотото од вестерн стриповите на Док Холидеј – „Дојде тивко и влезе во легендите“. Она што досега никому во Македонија не му успеало тој веќе го има во своите витрини. Веќе е легенда на македонскиот авто спорт, па и во регионот поставувајќи нови граници кои другите ќе треба да ги надминат. Од сезона во сезона, одеше чекор по чекор. Трпеливо во остварување на сонот и целите.
Притоа во вториот настап на FIA WTCR трката во Саудиска Арабија се искачи и на подиумот. Иако победникот беше негов клупски колега, членовите на тимот извикуваа Виктор, Виктор, Виктор покажувајќи ја почитта кон нашиот возач кој иако е „џентлмен возач“ кој иако не е професионалец, сепак возеше „профи“.
Успесите што ги постигна, континуитетот и константноста во формата ќе му донесат на Давидовски уште еден успех – од следната сезона неговата лиценца во ФИА ќе биде „професионален возач“. Останува во истиот тим Comtoyou racing, но секако возилото ќе остане препознатливо по ознаката на PSS, односно PSS Racing Team, од каде почна се уште во 2018 година кога првпат најави дека влегува во TCR Europe. Почна со Honda, но откако се префрли на Audi се смени се.. и тргна на добро и подобро.
Меѓу задолжителните часови по концентрација и возење симулатор на патеките на кои в година ќе се бори за нови подиуми и можеби и титулата, Давидовски сподели со 24auto детали за тоа како помина оваа 2022 година. Колку е задоволен, што беше клучно, што ќе биде ново…
СОНОТ СТАНА ЈАВЕ
* Зад тебе е најуспешната сезона во TCR Europe. Возеше во првенството на Европа, но и во светскиот WTCR. Дали ти се оствари сонот и планот кога пред неколку години го најави влезот во TCR Europe?
– Годинава го достигнав врвот, особено со победата на Пол Рикар во Франција покажав дека можам да се мерам со сите возачи кои се на патеката, а сега со подиумот во Џеда на FIA WTCR и дека навистина вредам, особено што јас влегов на FIA WTCR да возам со вајлд-карт и имав дополнителни 20 кг. тежина во автомобилот и постара спецификација на менувач. Кога бев во една десетинка од најдоброто Audi во квалификациите на патеката значеше дека нивото што го достигнав е навистина високо. Повеќе од возење во FIA WTCR навистина и не може да се посака. Имав желба да возам барем една трка, а јас годинава добив можност и на две да настапам. Земав и подиум. Се надевам дека в година ќе имам шанси да возам и на повеќе трки во FIA WTCR, вели Давидовски.
* Во оваа 2022 година, победи на трка во TCR Europe, го одбрани трофеј во Diamond Cup, настапи на FIA WTCR трка, имаше и подиум на FIA WTCR трка… Веруваше ли дека се може во една сезона?
– Дека се во една сезона ќе се случи, не. Но, дека верував во себе, многу работев тоа да особено на последните две трки. За да земеш подиум или да победиш треба малку и среќа. Со работата и среќата дојде.
* На последната трка во Саудиска Арабија во FIA WTCR стигна и на пиедесталот. Додека одеше доделувањето на пехарите клупските членови скандираа Виктор, Виктор, Виктор… Се чувствуваше ли како победник, иако беше второпласиран?
– Слушав нешто, не не до толку. Но, ми беше драго бидејќи тимот беше на моја страна. Се чувствуваше поддршката од тимот што ја имавме. Во Бахреин имавме проблеми па не го возев првиот слободен тренинг. Но во Саудиска Арабија со самото доаѓање поддршката беше голема. Тоа го чувствувам уште пред да седнав во кокпитот. Тимот има 10 луѓе кои се целосно задолжени за мене и возилото. Имам неколку инженери, и секако еден главен. Нашата соработка е одлична.
ПРВПАТ ИМАВ ПРИТИСОК ПРЕД ТРКА
* Како клупска награда дојде настапот на FIA WTCR последните две трки. Тоа не беше планирано за годинава? Колку е тоа поразлично како трка, организација, па и притисок за возење.
– Па првпат сега почувствувам притисок. Левата нога и десната рака. Тоа е стартна процедура пред да се стартува кога ја држиш раката на менувачот. Толку многу ми се тресеше и раката и ногата. Огромен е притисокот, возиш со најдобрите 15 во свет. И 15 да си е задоволство. А секој може да згреши, и тоа го покажаа уште на првиот круг почнаа да грешат и другите возачи. А FIA WTCR е едно ниво високо, каде се е профи, од самото пристигнување на патека, со пречек на аеродром, на патека. Ние секогаш сме главни на тркачкиот викенд.
* Веројатно се сеќаваш на промоцијата на возилото и тимот на PSS Racing во Скопје (2018)), пред првата сезoна во TCR Europe во Тренд во Аеродром. Ти веруваше во себе, но требаше време, нерви да стигнеш до целта, да бидеш меѓу освојувачите на бодови, па подиум, победа…. Од тој временски аспект, па се досега колку Виктор Давидовски созреа како возач, како личност, колку напредна.. Колку се смени од 2018 до 2022..
– Многу се сменија работите. Првата година беше тешка, да видиме каде сме. Многу работи не ми беа јасни. Сум гледал трки на телевизија. Но, на ТВ е едно, а на патеката сосема поинаку. Втората сезона ми беше најтешка кога требаше сам на себе да си кажам дека треба да почнам од нула и дека се што дотогаш сум работел треба да го заборавам. Но, се изборив со тој притисок, работев напорно и резултатите дојдоа.
* Колку е и TCR Europe сменето, различно од сезона во сезона… Требаше време и ти да се привикнеш на она што се случува, како да реагираш на одредени одлуки.. Веќе си и професионалец.
– Секако јас влегов на трките и во првенството како „џентлемен возач“, што значи дека не сум професионалец, и не сум 365 дена посветен на трки и на тимот. Но работам и повеќе од професионалните возачи. Ова бара многу сериозен ангажман. Првата година како мене „џентлмен возачи“ беа половина од оние што возеа, сега има само неколку, речиси сите се професионалци. Трките во TCR Europe, всушност се мал FIA WTCR.
УСПЕХОТ Е ВО ВИКТОР, ВОЗЕЊЕТО, РАБОТАТА
* Сезонава го смени тимот, возилото… остана само клупскиот колега Франко Џиролами. Те плашеше ли тоа менување, нови луѓе, нови привикнувања, а веројатно поголем притисок…. Што беше клучот на успехот сезонава? Автомобилот, тимот, самиот ти?
– Клучот беше самиот Виктор, а и самата поддршка од тимот. Имаме безрезервна поддршка од Audi. Го покажавме тоа со резултатите. Значи, прво, јас, па возењето, па се друго. Многу треба да си смирен, фокусиран. Треба да научиш како да се справиш со притисокот. Кога стартував од пол позицијата не спиев. Притисокот сега пред старт на WTCR беше огромен.
* Годинава освои најмногу бодови во кариерата, и речиси на сите трки стигна на целта. Што се требаше да смениш кај себе, во подготовките, размислувањето, однесувањето за да може да се оствари зацртаното…
– Прво физички треба многу да се спремен, психички. Фокусот да биде силен. На сите полиња многу се работи. Едноставно, мора да се работи постојано.
* Почетокот на соработката со Франко Џиролами е почеток и на успесите на Виктор во TCR Europe. Колку неговото присуство и совети ти помогнаа. Тој после секој успех се заблагодарува на тебе и на тимот на PSS, а ти не забораваш да го споменеш Франко. И Како дојде до таа соработка?
– Ние сме клупски колеги, но и другари. Се делиме, од податоци, видеа, си даваме совети, критики, работиме заедно. Многу си помагаме. Се запознавме на еден тест во 2019 година. После тој тест почнавме да комуницираме преку социјалните мрежи, па се видовме во Италија. Јас решив дека тој ќе вози со мене кога бевме дел од Хонда. Имав притисок да земам друг возач во тимот, но јас сакав да остане Франко. Тој тоа го цени. Но секако си помагаме меѓу себе многу.
* За да се стигне до тука има доста жртвувања, пари, време, треба и доста учење. Сега си веќе на прагот на професионален возач. Како изгледа подготовка за трка, или за неколку трки, еден тркачки викенд, тестирања..
– Кога си професионалец тогаш работиш 12 месеци, секој ден. Веднаш после Џеда работевме на нови тестирања за следната година. Јас таму не можев ни да се израдувам на подиумот. Денеска пак имам тест на симулатор. Се загревам прво во теретана, па на симулатор, па со инженерот ги анализираме трките. Работам на фокус, концентрација. Секој ден има различна програма. Сега 80 отсто од денот ми е посветен на трките.
ЧЕКАМ ПОГОЛЕМА ШАНСА ВО WTCR
* Твојот успех во TCR Europe и во WTCR веројатно ќе отвори врата и за други македонски возачи да се решат да се покажат и на посериозни трки од она на што сега настапуваат. Како се стигнува до ова ниво?
– Само со работа. Парите се релативна работа. Зависи кој ранг на натпреварување ќе решиш да возиш. Може да дојдеш во ситуација и да го наплатиш. Утре може да дојде денот кога ќе го вратиш.
*Полесно е да се освои нешто, а потешко да се задржи. Веројатно веќе почнаа подготовките за новата 2023 година? Што ќе биде ново?
– Останувам во истиот тим. Ново, сега имаме и поголеми амбиции, секако. Треба и малку среќа. Сакаме да се освои TCR Europе. Се надевам ќе добијам шанса пак да бидам дел од WTCR. Мислам дека тимот е задоволен како возев на двете трки, без грешки. Мислам ќе добијам шанса да возам и в година.
*Гледајќи го Том Коронел кој се уште одлично вози веројатно и Виктор Давидовски сака да остане уште повеќе сезони тука, или ќе бара нови предизвици?
– За мене ова беше животен сон. Друга амбиција немам. Освен да ги освојам овие шампионати. Годините не се пречка. Имаме ситуација пред неколку години кога Тарквини победи на 57 години.
*Гледаш ли некој наследник од сегашнава генерација од Македонија?
– Имаме одлични млади возачи, сите што возат во Твинго Куп. Не им ги знам амбициите. Имаме деца кои можат да продолжат. И оние од картинг што се натпреваруваат, Богатиновски, Ковачи, Стефановски… Немаме ни патека тука да ги гледаме почесто. Секако сите можат да стигнат. Треба да тргнат од вистински шампионат и да не се срамат, туку полека да одат чекор со чекор. Треба да се бориш со неуспехот, а успехот ќе дојде сам по себе.