Се опоравува продажбата на возила во Европа – силен раст во јуни

ОБЈАВЕНО НА:

Продажбата на автомобили во ЕУ силно се зголеми и во јуни, како одраз на слабите резултати од минатата година поради недостиг на делови, се вели во извештајот на здружението na европските автомобилски производители, ACEA.

Во јуни, повеќе од еден милион нови автомобили се регистрирани во 26 земји на ЕУ, без Малта, за 17,8 отсто повеќе отколку во истиот месец минатата година, утврди здружението на производители.
Во мај продажбата скокна за 18,5 отсто.

Високите стапки на раст ја одразуваат ниската компаративна основа во 2022 година кога на резултатите примарно влијаеше недостигот на делови, објаснуваат од ACEA.

Меѓу водечките пазари се издвои Германија со раст на продажбата од 24,8 отсто. Следеа Шпанија и Франција, каде што се зголеми за 13,3, односно 11,5 отсто.
Меѓу големите земји, само Италија забележа едноцифрена стапка на раст, од 9,1 отсто.

Раст е забележан на речиси сите пазари во ЕУ, со исклучок на Унгарија, каде што продажбата е намалена за 1,4 отсто.

Во првата половина од годината, пазарот на патнички автомобили во ЕУ порасна за 17,9 отсто во споредба со истиот период минатата година, со регистрирани 5,4 милиони нови возила, потврдуваат од ACEA.

Иако пазарот закрепна, резултатот е сè уште понизок за 21 отсто отколку во првите шест месеци од предпандемијата 2019 година.

Во групата водечки пазари, продажбата во првата половина од годината најмногу пораснала во Шпанија и Италија, за 24, односно 22,8 отсто. Двоцифрени стапки на раст се забележани и во Франција и Германија, од 15,3, односно 12,8 отсто.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK