ЕУ ги заостри правилата за мерење на емисиите на CO2 во plug-in хибридите, така што тие повеќе ќе одговараат на реалните ситуации на возење, додека сегашните пресметки му даваат предност на електричниот режим на возилото.
„Студиите покажуваат значителни разлики помеѓу емисиите на plug-in хибридите при вистинско возење и оние пресметани со актуелната методологија“, изјави за агенцијата AFP, портпаролката на Европската комисија. Комитетот од експерти кои ги претставуваат „Дваесет и седумте“ во вторникот ги ревидираше прописите со кои се уредува сертифицирањето на овие мерки, „за да гарантира дека тие подобро ја претставуваат вистинската употреба“ .
Новиот начин на пресметка би требало значително да го подигне нивото на емисиите на одредени модели, со ризик да ги лиши производителите и купувачите од помошта и субвенциите што ги уживаат таканаречените „чисти“ возила.
Toa e mожен удар за секторот, додека благите хибриди (бензин и дизел) доживуваат блескав раст, до точка да претставуваат четвртина од европскиот пазар во првиот квартал од 2022 година, во споредба со 20% на почетокот на 2021 година (563.000 возила , +5, 3% во текот на една година), според Асоцијацијата на европски производители (ACEA).
Промената особено се однесува на уделот на електричното возење што се користи за пресметување на емисиите на CO2 на возилото, во споредба со уделот на возењето на бензин/дизел. Од 2025 година, овој удел на електрична енергија ќе се намали, а по 2027 година, пресметката ќе се усогласи со вистинската употреба, врз основа на податоците собрани од потрошувачка на гориво на бордот во возилото.
„Со години, емисиите од plug-in хибридите се засноваа на нереални услови за возење“, забележа Ана Крајинска, од здружението „Транспорт и животна средина“, осудувајќи ги јавните субвенции за поддршка на овие „лажни електрични возила“.
Според невладината организација „Меѓународен совет за чист транспорт“ (ICCT), приватните plug-in хибридни автомобили испуштаат „во реални услови“ три пати повеќе CO2 и трошат три пати повеќе гориво од официјално декларираните.
За многу експерти, хибридот на полнење ги комбинира недостатоците на моторите со внатрешно согорување (загадување на воздухот) и оние на електричните мотори (голема тежина и цена поради двата мотори).
Кога не се полнат редовно, овие автомобили страдаат од многу голема потрошувачка. Но, за некои возачи кои комбинираат долги растојанија на автопати и урбана употреба, plug-in хибридот сè уште се гледа како алтернативна опција за дизелот.