Стручњаците како идеален начин за да се превенираат кинетозите го посочуваат дијафрагмалното дишење. Исто така, пожелно е пред патување луѓето да избегнуваат да внесуваат големи количества храна, да не пијат алкохол или кофеин.
Патувањето за летниот одмор за вас е тортура. Без разлика во кое превозно средство ќе влезете, баш кога тргнувате почнува да ве мачи непријатност во горниот дел на стомакот. Една по друга ве „шамараат„ мачнината, гадењето и повраќањето. Засилено ви се лачи плунка, чувствувате топлина по телото, леснотија во главата, често депресија и апатија. А сето ова трае само додека патувате и кога ќе излезете од возилото сите тешкотии магично исчезнуваат. Вашата дијагноза е многу едноставна – страдате од кинетоза или проблем поврзан со движењето. Според медицинските податоци, една третина од луѓето се подложни на кинетози, кои се најчести на возраст од три до 12 години, а потоа се поретки. Жените се поподложни на оваа состојба во однос на мажите, а симптомите се многу поизразени во периодот на менструалниот циклус и при бременоста.
Кинетозата е состојба во која постои несоодветност меѓу визуелно добиената перцепција и чувството за движење на вестибуларниот апарат. Таа е нормален одговор на сензорниот конфликт меѓу центарот за рамнотежа и симулацијата на виртуелната реалност кога окото регистрира движења (патување со кола, брод или авион), а кои претходно се или не се искусени од телот. Состојбата дополнително ја отежнува високата температура, која при недоволно внесување течности може да доведе до дехидратација и до други компликации. Специфично е дека дел од луѓето по одреден временски период се приспособуваат на патувањето, а кај пет отсто од луѓето симптомите траат додека има движење. Освен веќе споменатите знаци, има и симптоми кои се чести, но различно се јавуваат во зависност од индивидуата.
Се работи за метеоризам, односно ослободување гасови, забрзано дишење, главоболка, чувство на стегање обрач околу главата, паника и конфузија.
Но ако овие симптоми не исчезнат по стопирањето на движењето, тогаш може да станува збор за нарушување на рамнотежата или, пак, на метаболизмот, за гастроентеритис, за труење со храна.
Дијафрагмално дишење
Стручњаците како идеален начин за да се превенираат кинетозите го посочуваат дијафрагмалното дишење. Исто така, пожелно е пред патување луѓето да избегнуваат да внесуваат големи количества храна, да не пијат алкохол или кофеин. Ако ви се јави гадење, се препорачува во мали голтки да пиете вода со свежо исцеден лимон. Лекарите за во текот на патувањето ги одвојуваат следниве совети:
- Ако патувате со авион или брод сместете се во средината каде што движењата се најблаги.
- Обидете се телото да ви биде во полуседечка положба.
- Движењата на главата и на телото сведете ги на минимум.
- Фиксирајте го погледот во хоризонтот или во некој друг стабилен објект.
- Избегнувајте го набљудувањето на предметите што се движат.
- Не читајте.
- Правете паузи со долги прошетки на свеж воздух.
- Корен од ѓумбир исто така може да биде ефикасен во превенирање кинетози ако го земете еден час пред патувањето. Неговите ефекти се сметаат за идентични со тие на еден од лековите. Не се препорачува кај бремени жени.
Без антихистамини
Ако и покрај примената на овие совети состојбата не ви се подобрила, во консултација со лекар, пациентот може да употреби некои од лекарствата кои имаат ефект при кинетози.
Лековите што се земаат преку уста треба да се испијат пред почетокот на патувањето затоа што е потребно време да се ресорбираат во цревата и да постигнат соодветна концентрација во крвта. Кога ќе се јават симптомите, тогаш ресорпцијата е намалена, а кога ќе почне повраќањето, е невозможна. Ако состојбата се влоши, може да се аплицира мускулна инјекција или супозитории, односно чепчиња во отворот на дебелото црево.
Видовите лекарства кои се земаат за спречување на симптомите основно се делат во следниве групи: антагонисти на мускариновите рецептори, антагонисти на Х1-рецепторите и симпатикомиметици во комбинација со наведените лекови.
Антихистамините се ефикасни за превенција и за лекување. Овие продукти се контраиндицирани кај пациенти кои имаат проблем со дишењето, кај оние со глауком и со зголемена простата. Тие предизвикуваат и сонливост, па затоа треба да се избегнуваат додека се управува со моторно возило.