Максималната брзина е ограничена на 25 км/ч. на велосипедска патека и на 5 км/ч/ на пешачка патека. Казната е 120 евра. Ако малолетник (минимум треба да има 14 години за да управува) направи прекршок, казната ќе ја плати неговиот родител - старател
Електричните тротинети станаа особено популарни последнава година, со новиот Закон за безбедност на сообраќајот и патиштата регулирани се многу делови во однос на нивното управување, како и предвидените глоби доколку не се придржувате кон правилата.
Со новиот Закон кој стапи на сила од 1 јануари 2021 година се регулира управувањето на електричните тротинети и тие мораат да се возат по велосипедска патека или велосипедска лента. Доколку не се тие изградени тогаш движењето треба да биде по пешачка патека или друга површина наменета за движење на пешаците.
Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст. Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото. Возач на електричен тротинет, за времето додека управува со возилото не смее да води животни
Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека односно лента со брзина поголема од 25 km/h. Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по тротоар, пешачка патека односно друга површина наменета за движење на пешаци, со брзина поголема од 6 km/h.
* Ако двајца или повеќе возачи на електричен тротинет се движат во група, истите се должни да се движат еден позади друг.
* Ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека, возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по десната велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот.
* На велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека, уредени и обележани за сообраќај на електрични тротинети во двете насоки, истите се движат по десната страна во правецот на движењето на возилата.
* Возачот на електричен тротинет, може да се движи само по оние сообраќајни површини каде што е дозволено движење со такви возила.
Казните предвидени за прекршување на Законот се од 50 до 120 евра во зависност од тежината на прекршокот. Највисоката казна од 120 евра е предвидена доколку возите со брзина поголема од предвидената (25 км/ч. на велосипедска лента и 5 км/ч. на пешачка патека).