Германскиот производител на автомобили Volkswagen планира да купи удел во кинескиот производител на електрични автомобили XPENG за да ја зголеми продажбатa на најголемиот пазар на автомобили во светот.
VW во средата објави дека планира да купи нешто помалку од пет проценти од XPENG за 700 милиони долари и да работи со нив на развивање на два модели на електрични автомобили од средна класа за кинескиот пазар.
Двете компании допрва треба да ги финализираат деталите од договорот и да добијат регулаторни дозволи, а планираат да ги лансираат новите модели на пазарот во 2026 година.
Групацијата VW досега забележа само скромни резултати на кинескиот пазар на електрични автомобили и испорача 62.400 од нив во првата половина од годината, 1,6 отсто помалку од истиот период минатата година. Во цела година планирале да испорачаат околу 200.000.
Кога ќе се пребројат и автомобилите на фосилни горива, испораките на VW паднаа за 1,2 отсто, покажа деловниот извештај објавен во четвртокот. Кога ќе се вклучат сите пазари, тие испорачале 4,37 милиони возила, 12,8 отсто повеќе од истиот период лани.
Истовремено ја намалија проценката за испораките за цела година поради неизвесната макроекономска состојба.
Во првата половина од годината нивните приходи скокнаа за 18 отсто, на 156,3 милијарди евра, поттикнати од значително повисоката продажба во Европа и Северна Америка и цените. Добивката по оданочување падна за 20 отсто, на 8,52 милијарди евра.