(Видео): Инвалидска количка што сама качува скали

Scewo е инвалидска количка што сама одржува рамнотежа и е способна сама да качува скали. Количката која наликува на уред од иднината ја направија пет студенти на мастер студии на Швајцарскиот федерален институт за технологија и Универзитетот за уметности во Цирих.

Количката овозможува самостојно движење на инвалидизирани лица и на патеки кои не се приспособени за нивно движење, како што се скалите или симнување од автобус. Опремена е со крута гума со запци кои кога ротираат се закачуваат за скалите и безбедно се качуваат или симнуваат по нив.
Механизмот функционира и на спирални степеници, а по потреба може и да ги подигне корисниците за да досегнат некој предмет или за да имаат подобар поглед.

„Scewo дава целосно ново искуство на слобода и дозволува да заборавиш на попреченоста“, вели Бернард Винтер, еден од студентите кои работеа на проектот.

Инвалидската количка користи три жироскопи, кои автоматски го балансираат столот во секој момент од движењето.

„За нас голем предизвик беше да се овозможи количката да се управува со џојстик. И затоа столот е уникатен и овозможува и за лица кои немаат сила во горниот дел од телото да се движат без проблеми“, дополнува Винтер.

Во моментот постои еден работен прототип од оваа количка, но групата преку донации го развива проектот со цел до крајот на 2018 година таа да се најде во продажба.

„Нашиот сон е оние на кои им е потребна количката да ја користат секојдневно, но патот до таму е долг. Моментно, ние учиме, а на количката работиме во нашето слободно време“, вели Винтер.