Русите се вклучија во битката за правење автономни возила

ОБЈАВЕНО НА:

На Меѓународниот саем на автомобили во Франкфурт, на кој водечките производители го претставуваат своите новитети, руската компанија „Бакулин Моторс Групп“ го покажа „Матрјошка“, првиот домашен електричен автобус без возач.

„Матрјошка“, како што се истакнува, може да достигне брзина од 30 километри на час, а неговите батерии до следното полнење може да издржат четири часа возење и да поминат 130 километри.

„Матрјошка“ е модуларен систем кој се состои од три елементи. Поради можноста за замена на централниот модул беспилотното возило е достапно во неколку конфигурации, од платформа за превоз на товар до патнички автобус.

Возилото е долго четири метри, широко 1,7 м, а високо 2,7 метри. Силата на електромоторот е 45 kW, а вртежниот момент е 140 Нм. „Матрјошка“ е предвиден за 8 до 12 лица или 1300 килограми.

Според конструкторите, софтверот со чија помош функционира возилото без возач, има способност за самостојно учење, може да ја контролира ситуацијата во сообраќајот во реално време и самото ги избира оптималните рути во гужва.

„Матрјошка“ беше претставен во Москва минатата година, а сериското производство, иако првично најавено за оваа година, е поместено според генералниот директор на компанијата Алексеј Бакулин, до крајот на идната година.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK