Дизелот (не) е мртов

ОБЈАВЕНО НА:

Последните неколку години сме сведоци на бројни скандали и случувања кои одат на штета на дизелските мотори.

Се започна со т.н. скандал “Дизелгејт” во чиј центар на внимание се најде Volkswagen Групацијата. Овој скандал на површина ги донесе лошите страни на дизелот, особено штетното влијание врз екологијата.

Новите WLTP процедури наменети за авто производителите, забраната на дизелот низ бројни германски градови, воведувањето на дополнителни даноци и акцизи за дизел возилата како и силниот притисок на еколошките друштва, придонесуваат за дизелот полека, но сигурно да замине во историјата. Сето ова придонесе за намалувањето на побарувачката на дизел возила во Европа, како, а производителите се соочија со високите расходи кои доаѓаат поради тоа што се поставени норми за испуштањето на штетните материи кај моторите.

Досега, веќе 13 производители се одлучија дизелските мотори да ги “пензионираат” од својата понуда. Јапонските производители беа првите кои се одлучија на таков чекор. Toyota како пионир на хибридните возила, објави дека повеќе нема да произведува и продава автомобили со дизелски агрегати во Европа, откако претходно истото го направи и во Јапонија.

Nissan најави кампањско повлекување на дизел возилата од својата понуда. Се започна со Велика Британија каде овој производител повеќе не нуди дизелски изведби во понудата. Преходно со идентични соопштенија излегоа и Honda, Suzuki, Mazda, Lexus и Subaru.

Под притисок на WLTP процедурите, и FCA Групацијата претходно донесе стратешка одлука според која во иднина нема да бидат понудени дизелски мотори во своите возила. Последниот автомобил со дизелски мотор FCA ќего произведе во 2022 година по што целосно ќе се посвети на развојот на бензински и хибридни мотори.

На средината на оваа година и шведскиот производител Volvo објави модел кој нема да има дизел мотори во својата понуда. Со ова Volvo го најави збогувањето со дизелските мотори.

„Porsche не развива, ниту произведува сопствени дизел мотори и не размислуваме во тој поглед нешто да менуваме во иднина. Во исто време не постои причина Porsche изненадувачки да ги исфрли дизел моторите од своите модели“ изјави претседателот на Porsche, Блум во мај годинава. Сепак пред само некој месец стигна и официјална потврда дека овој бренд од Volkswagen Групацијата ќе ги напушти дизелските агрегати.

Сепак, токму Volkswagen Групацијата е предводникот на и понатамошната актуелизација на дизелските агрегати, а најавените нови модели покажуваат дека овој производител нема лесно да се откаже од дизелите. Германските медиуми дури шпекулираат дека инжинерите во оваа компанија работат на развој на нова дизелска технологија која не само што ќе ја запази еколошката димензија туку ќе бидат уште поекономични.

Ниту BMW не се откажува од дизелот. Овој германски производител може да се каже дека беше најмалку погоден од дизел скандалот кој сеуште сее страв во автомобилската индустрија. Така BMW објави дека моделите X1 и X2 добиваат нови дизелски мотори.

Засега “срамежливо” околу дизелот се однесуваат француските производители Renault и PSA Групацијата во чија понуда и натаму се актуелни дизелските мотори. Прочуениот 1.5 литарски dCi мотор на Renault и натаму е дел од понудата на овој производител, а PSA Групацијата за Opel разви нов дизелски мотор кој веќе дебитираше во понудата на Opel Crossland.

Дали дизелот е мртов засега е рано да се каже иако во моментов се оди против него.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK