Што возат на далечниот континент: Ова се најпродаваните брендови во Австралија за 2019 година

ОБЈАВЕНО НА:

Со продадени 205.766 возила во текот на минатата, 2019 година, најпродаван бренд во Австралија, очекувано, е Toyota. Иако претставува најслаб продажен перформанс уште од 2014 година, сепак тоа не е доволно за Toyota да го напушти тронот каде се наоѓа со децении.

На втората позиција се наоѓа уште еден јапонски производител. Станува збор за Mazda преку чија дилерска мрежа минатата година се продадени 97.619 возила. Третата позиција припадна на Hyundai со 86.104 продадени возила.

Најдобрата петорка ја сочинуваат уште Mitsubishi и Ford со продадени 83.250 однсоно 63.303 возила.

На листата од топ 10 најпродавани брендови, единствено пораст на продажбата во споредба со 2018 година има забележано Kia. Овој јужнокорејски бренд забележа продажба од 61.503 возила што претставува зголемување од 4,6%.

Најдобро пласиран европски производител е Volkswagen. Со продадени 49.928 возила овој производител се најде на 8-та позиција, а во топ 10 најпродавани брендови се наоѓаат уште и Nissan, Honda и Holden.