Се скараа Русија и С.Арабија: Нафтата поевтини за 30 отсто за една ноќ

ОБЈАВЕНО НА:

По 19 години цената на нафтата доживеа најголем пад за едно деноноќие, од 30 отсто откако се појавија несогласувања меѓу Русија и Саудиска Арабија, двата најголеми извозници на нафта. Цената на нафтата „Брент“за испорака во мај на берзата во Лондон утрово се намали за 43,4 отсто на 31,57 долари за барел.

Сега цената на нафтата е на најниско ниво од февруари 2016 година. Голдман Сакс ги намали прогнозите за Брент за вториот и третиот квартал од оваа година на 30 американски долари за барел, истакнувајќи ја ценовната војна меѓу Русија и Саудиска Арабија и значителниот пад на побарувачката како резултат на епидемијта на новиот коронавирус.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините доскорешни сојузници, предводени од Русија, долго време се придржуваа кон договорите за намалување на производството за 1,7 милиони барели на ден со што би се поддржале цените на нафтата, кои се под притисок поради преголемото производство.

Во последниве недели, тие беа под дополнителен притисок поради стравувањата дека ширењето на коронавирусот ќе ја забави глобалната економија и со тоа и побарувачката за нафта. Но, Русија не се согласи на дополнително намалување, туку побара да се остане на постоечкиот договор за ограничување на производството за 1,7 милиони барели на ден.

Поради ова, Саудиска Арабија започна да ја намалува продажната цена на нафтата за испораката во април, на сите купувачи за 6 до 8 долари.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK