На одмор или патување секогаш имајте копија од пасошот – еве зошто!

ОБЈАВЕНО НА:

Кога патувате во странство особено на одмор или за забава, најчесто размислувате како да си поминете, што да посетите, и нормално никој не размислува за лоши работи, на пример губење на патната исправа – пасошот. Дури и да се наоѓање во некоја соседна земја, враќањето дома нема да биде така едноставно доколку го немате вашиот пасош, особено во земјите каде за тоа е потребно да го поседувате.

За патување во Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина сега не ви е потребен пасош, туку можете да ја користите и личната карта.
Препорака е пасошот и личната карта да не се чуваат заедно, и секако препорачливо е да имате копија од пасошот па и од личната карта. Можат многу да ви помогнат. Особено, ако немате личен документ да го докажете вашиот идентитет. Можете и со сведоци да го потврдите, но поедноставно е ако имате копија.

Што ако сте во земја каде мора да имате пасош и поради различни причини остенате без него (го загубите, ви го украдат…). Која е процедурата за да може да се вратите дома. Доколку лице државјанин на Република Македонија остане без патна исправа во некоја земја, потребно е да пријави губењето на исправата во најблиската полициска станица и да му се издаде потврда за истото.

Потоа со потврдата треба да се отиде во дипломатско конзуларното претставништво на Република Македонија во таа земја, каде што на лицето ќе му се издаде патен лист за да се врати во Република Македонија.

Доколку вашата патна исправа се оштети исто така се обраќате до најблиското ДКП на Република Македонија каде ќе ви издадат патен лист.

ПАТЕН ЛИСТ
Патен лист се издава на македонски државјани на кои рокот на важење на патната исправа е истечен, или патната исправа е оштетена, изгубена или украдена. Исто така, патен лист може да се издаде за новородено дете за кое сè уште нема извадено македонска патна исправа, а треба итно да патува за Република Македонија.

Листа и мапа со најблиското дипломатско-конзуларно претставништво на Република Македонија може да најдете во делот дипломатска мрежа на оваа веб страна.

Потребни документи за издавање патен лист:

* Лично пополнето барање за издавање патен лист (за малолетни лица барањето го поднесуваат лично двајцата родители или едниот родител што е законскиот старател).
* Една фотографија со димензии 3,5 см х 4,5 см
* Доказ за идентитет (важечки македонски или странски документ со фотографија во оригинал). Доколку не се приложи документ за потврда на идентитетот, тој може да биде потврден со заверена изјава од сведоци, а патниот лист се издава врз основа на претходна согласност од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
* Доказ за државјански статус (важечка лична карта, пасош или оригинал Уверение за државјанство на Република Македонија). Доколку не биде приложен доказ за државјански статус, патниот лист може да се издаде врз основа на претходна согласност од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
* Доказ за платена конзуларна такса во висина од 30,00 евра, доколку патниот лист се издава без согласност, односно 36,00 евра, доколку патниот лист се издава врз основа на согласност од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. За државјаните со друга национална валута од еврото, таксата се плаќа во соодветната национална валута.
* За некои држави, покрај патен лист, потребно е да се достави и потврда од надлежните органи дека патната исправа е изгубена или украдена.

Важна информација:
Патниот лист е патна исправа што исклучиво служи за враќање во Република Македонија и има рок на важење 30 дена од денот на нејзиното издавање. Пред да патувате за Република Северна Македонија, проверете во дипломатско-конзуларните претставништва на земјите што ќе ги транзитирате дали е потребно претходно добивање виза.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK