Тунелот под Кале ќе почека – Тешко дека ќе биде изграден до 2022!

ОБЈАВЕНО НА:

Но Град Скопје го раскина договорот за проектирање на тунелите под Кале со турската фирма „Мега инженеринг консалтинг АД“ бидејќи не ги испочитувале роковите за изработка на проектот.

До 2022 година требаше да имаме уште еден мост преку реката Вардар и тунел под Кале со што во Скопје ќе има алтернатива за побрзо движење и поврзување на булеварот „Свети Климент Охридски“ со булеварите „Никола Карев“ и „Македонско-косовска бригада“.

Град Скопје на 12 јуни лани склучи договор со турската фирма која заедно со Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии од Скопје, за 6 месеци требаше да ја проектира сообраќајницата, мостот преку Вардар и тунелите под Кале.

Со новото сообраќајно решение требаше да може од улица „Водњанска“ до Чаир со автомобил да се стигнува за помалку од пет минути. Поради сложеноста на проектот и пандемијата на ковид-19, рокот беше продолжен за плус 6 месеци, но ниту тој рок не е испочитуван, па договорот е раскинат.

Градоначалникот Петре Шилегов вели дека не се откажува од овој капитален проект за Скопје, најавува нов тендер за проектант и верува дека до крајот на својот мандат ќе ја почне реализацијата на долго најавуваната идеја за тунели под Кале, сообраќајница која е зацртана во Генералниот урбанистички план уште во 1964 година.

Според планот сообраќајницата треба да почнува од булеварот Свети „Климент Охридски“ и ќе биде издигната на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар кој ќе биде долг 173 метри, а широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри сè до влезот во тунелот под Калето. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри над Пластичарска улица и треба да се спои со булеварот Македонско-косовска бригада.

Проценките беа дека овој капитален проект ќе чини 30 милиони евра а во употреба би требало да се пушти кон крајот на 2021 или на почетокот на 2022 година.

Но, со оглед на одложувањето, сигурно е дека најмалку една година ќе доцни и планираното пуштање во употреба.

 

Скопје се гради: Проект од 1964 година ќе се реализира сега (Видео)

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK