Opel Corsa

Opel Corsa e „Автомобил на годината во Македонија“

ОБЈАВЕНО НА:

Новата генерација на моделот Opel Corsa ја доби наградата „Автомобил на годината во Македонија за 2020 година“ според Националното Жири за избор на автомобил на годината. Corsa по вторпат ја добива оваа награда во Македонија откако и во 2007 година беше избрана за „Автомобил на годината“.

Ова е јубилеен 25-ти избор на „Автомобил на годината“ во Македонија традиција што е најдолга од ваков вид во земјава. Победникот како награда добива во трајна сопственост позлатена скулптура на стилизирана маска на ладилник, авторско дело на Валентин Ширилов, направено специјално за Изборот на автомобил на годината во Македонија и се доделува од 1996 година.

Годинава во конкуренција на шест финалисти, Corsa доби најмногу бодови од Жирито, 110, а пред Mazda 3 со 86 и Toyota RAV 4 со 81 бод.
Годинава финалисти во изборот беа: BMW 1, Kia XCeed, Mazda 3, Opel Corsa, SSAngYong Korando и Toyota Rav 4.

Во гласањето покрај членовите на Жирито учествуваат и самите финалисти, кои можат да гласаат за еден финалист, со исклучот на сопствениот модел. Гласот на финалистите го доби Mazda 3. Од шест финалисти, три гласаа за Mazda 3.

Во образложението на Жирито при објавувањето на одлуката за победникот се вели: „Corsa како прв сосема нов модел откако Opel стана дел од семејството на PSA во целост ги оправда очекувањата. Современиот изглед и модерните технологии меѓу кои и електричната погонска група ѝ даваат предност во настапот на пазарот, посебно во земји како Македонија каде купувачите ќе ги освојува и со атрактивната цена“.

Признанието СУВ на годината го добие моделот Toyota RAV 4. За овој модел Жирито ќе рече:
„Со петтата генерација, Toyota како наново да го лансираше RAV4. Тој сега е попростран и поудобен, со помоќен изглед и нови технологии спакувани во една урамнотежена целина со избалансирана цена. Вниманието на купувачите го привлекува и со хибридниот мотор кој ги замени дизелите. Целокупно гледано, RAV4 со многу свои особини се издвојува од бројната конкуренција во класата која своевремено токму тој ја популаризираше.

Националното Жири за Избор на автомобил на годината во Македонија годинава по третпат го доделува и признанието „Томислав Биљарац“, во чест на доајенот на македонското автомобилско новинарство, основач и прв претседател на Националното жири за Избор за автомобил на годината во Македонија.
Наградата се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија.
Одлуката на Националното Жири за избор на автомобил на годината во Македонија е признанието „Томислав Биљарац“ за 2020 година да биде доделена на Славка Каленикова.

Свеченото доделување на наградата ќе биде на посебна манифестација што треба да се одржи до крајот на следниот месец.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK