Конечно договор: Германија ги призна македонските возачки дозволи

ОБЈАВЕНО НА:

Досега правото да управуваат со моторно возило во Германија го имаа странците само во првите шест месеци од престојот. Потоа, мораа да полагаат одново возачки испит- што чини и пари и време.

Во иднина македонските државјани што се на привремена работа во Германија или оние што се решиле таму да продолжат да живеат ќе можат да ги заменат македонските возачки дозволи со германски. Тоа ќе им заштеди време и најмалку 1.500 евра колку што чини полагање за возачки испит во Германија.

Владата го усвои извештајот за преговорите меѓу Македонија и Германија со кои се врши меѓусебно признавање на возачките дозволи.

„Ова претставува последна фаза пред потпишување на Декларацијата од Македонија и од Германија, со што таа и официјално би стапила на сила. Возачките дозволи ќе им бидат признаени на полнолетни лица со важечка возачка дозвола, издадена од надлежните органи во Македонија и во Германија и кои имаат законски престој на македонска територија (најмалку 180 дена во една календарска година) или на територијата на Германија (најмалку 185 дена во годината)“, стои во соопштението од денешната владина седница.

Македонските иселеници во Германија минатата година покренаа и онлајн- петиција со цел да се забрза постапката за признавање на возачките дозволи. Бројот на македонски државјани кои живеат и работат во Германија во изминативе години достигна 100 илјади. Голем број од нив се соочуваат со проблеми во секојдневието и во извршувањето на работните задачи поради тоа што немаат валидна возачка дозвола. Полагањето за нова, германска, возачка дозвола во просек чини околу 1.500 евра

Следете не и на:

24AUTO NETWORK