Нафтата на ниво од 1999 година – барел чини 15 долари

ОБЈАВЕНО НА:

Цените на фјучерсите на нафта паднаа денес, при што американските фјучерси на WTI ги зголемија загубите стигнувајќи на најниско ниво од 1999 година поради слабата побарувачка и стравот дека наскоро сите капацитети за складирање во САД ќе бидат пополнети до максимум.

Терминските договори за WTI нафата за испораки во мај паднаа за 2,62 долари или за 14 отсто, на 15,65 долари за барел. Според извештаите на светските агенции за време на тргувањето на берзите во еден момент цената паднала за 21 отсто стигнувајќи го минимумот од 14,47 долари за барел што е најниско ниво од март 1999 година.

Утре е крајниот рок за склучување договори за набавки на мајскиот фјучерс. Цената на договорите во јуни, кои се повеќе се тргуваат, падна за 1,28 американски долари или за 5,1 процент, на 23,75 долари за барел.

Нафтата „Брент“ од Северно Море исто така падна за 21 цент, или 0,8 проценти, на 27,87 долари за барел.

Пазарот на нафта е под голем притисок поради серија извештаи за малата потрошувачка на гориво и мрачни прогнози од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и Меѓународната агенција за енергија. Количините на нафта во САД, главно во Кушинг, Оклахома, најголем дистрибутивен центар за WTI нафта, се зголемуваат од ден на ден со паѓање на побарувачката.

Намалувањето на производството на „црно злато“ од страна на земјите членки на ОПЕК и нејзините сојузници, како Русија, треба да започне во мај.

Според проценките, глобалната побарувачка за нафта ќе падне околу 30 проценти оваа година, поради што нафтената индустрија рапидно го намалува производството. Сепак, со оглед на тоа што економската активност се намалува, при што се зголемуваат резервите и достигнуваат приближно рекордни 160 милиони барели нафта, цените веројатно ќе продолжат на одат по надолна траекторија, проценуваат експертите.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK