ЕКСКЛУЗИВНО: Први го возевме E-Golf во Македонија – 100 км. за 80 денари

ОБЈАВЕНО НА:

Возењето во E-Golf е како возење во било кој golf, освен што овој има поголемa стабилност поради батериите кои се сместени во подот, со што се намалува центарот на гравитација и дава чувство на поголема стабилност во кривините. Потрошувачката на струја од 14,5 kWh/100km претворено во денари по денешниот ценовник на ЕВН изнесува 80,5 денари на 100 км, со што е нај економичниот превоз моментално.

Сите сме слушнале за Tesla електричен автомобил што сите ќе го забележат на улица, но реалноста на електричните автомобили ќе биде овозможена од големите производители како што се VW, Opel, GM, BMW, Mercedes…. Само тие имаат капацитет и технологија за масовно производство и можност да направат автомобил со достапна цена за пошироката јавност.

Кога пред две години се сретнав за прв пат со целосно електричен автомобил тоа беше моделот VW e-UP, кој предизвикуваше внимание каде и да се појавивме, поради тишината со која се движеше. Неговиот домет беше околу 150 км. со едно полнење. Но, сега понудата на електрични возила е многу поголема. VW најави дека иднината за нив значи повеќе возила на електричен погон. А кога ќе се спомене VW неизбежно е да се праша: А има ли електричен Golf, бидејќи нели Volkswagen не е тоа ако со истата технологија не го снабди и најпродаваниот автомобил во Европа со месеци, па и години.

Кога доаѓа нова технологија тогаш компаниите кои се грижат за заштита на околината и пред сѐ сакаат да делуваат како општествено одговорни фирми го покажуваат новиот тренд и правец во кој сите треба да се движиме во иднина. Прокредит Македонија е првата компанија што нарачал два возила e-Golf. Беа и повеќе од љубезни да отстапат едно возило за неколкудневно тестирање. И така тргна нашето дружење кое требаше да ни ги покаже предностите на технологијата за која сите зборуваат и која сите ја очекуваме да чукне и на нашите врати што поскоро.

Го земавме од гаражата на Прокредит Македонија, каде беше приклучен на обичен штекер за полнење, а на дисплејот пишуваше „домет 288 км“ што е доста ветувачко. За две години дометот на електричните возила од VW се дуплирал. Литиумските батериите се со капацитет од 35,8-kWh, и сместени се во подот на возилото. Го ставивме и полначот во багажникот, за секој случај. И тргнавме во новото патешествие, авантура која сакавме да ни открие нови хоризонти.

Електричен автомобилот, а сепак се стартува класично со клуч во бравата и за да го стартувате моторот мора да биде притисната кочницата, а автоматскиот менувач да е во “Р” позиција. Се слуша кратка мелодија на звучниците , по кој светлата заземаат правилна позиција, воланот се активира и толку. Нема тресење на моторот, брчење, дим, се е тивко, единствениот звук е звукот на гумата која се трие на асфалтот. И тргнавме низ скопскиот метеж.

Од надвор автомобилот се разликува од обичниот Golf само по ознаката E-Golf и лажните маски за издувниот систем. Просторот за возачот е одличен, има место и прегледност на командите. Внатре не се разликува од другите голфови од 7-та генерација, седиштата се со по спортско седење, на задната клупа има доволно место за патниците. Сѐ на се одлично скоцкано и сѐ веќе познато и проверено. Менувачот е автоматски, што е нормално за електричен автомобил.

На средишниот дисплеј од 9,2 инчи имаме информации за локацијата на која се наоѓаме, радио станицата, телефонот кој ние е приклучен, сите модерни мултимедијални функции со кои ни е се олеснува возењето, единствено не ми е јасно зашто има можност за прегледување на фотографии како опција, и кој ќе се вози и ќе прегледува селфија истовремено?

Двозонската клима си ја вршеше уредно својата работа грее и лади одлично, мојот пријател механичар забележа дека греењето се извршува со електричен грејач, а не со помош на воздухот кој загреан од ладилникот на моторот се внесува во кабината. Овие потрошувачи влијаат на дометот на автомобилот, но не драстично. Товарниот дел е со двоен под, и е со капацитет од 341 литар. Доволно за секојднево патување и пазарање но малку за на годишен одмор, овој модел беше без резервна гума.

Под хаубата нема многу работи, електричниот мотор, контролерот и конверторот, со грејачот на кабината и клима уредот. Инженерите оставиле многу простор. Во очи ни паднаа ознаките за опасност од висок напон и струен удар, што значи дека не е препорачливо чепкање во предниот дел на било кој бидејќи постои можност од опасни изгореници и смрт.

Во возење електричниот мотор од 134 КС и автоматскиот менувач се одлична комбинација, можноста за директна достапност на електрична енергија и моментално забрзување го прави многу флексибилен и секое претекување многу лесно. А стартот на секој семафор многу предизвикувачки, имате чувство како да се возите во некој спортски автомобил со многу коњски сили бидејќи со нагазување на педалата на гаста, вие се лепите на седиштето. Забрзувањето до 100км е 9,6 секунди. Меѓу забрзувањето е исто така многу добро, ја чувствувате енергијата и силината на моторот, и моменталната реакција на притискањето на педалата за забрзување.

Една од работите кои не изненади е регенерацијата на енергијата при кочење и спуштање по удолница. За фотографирање на голфот се качивме на Водно, и додека нагоре се намалуваше дометот на батериите од 190 на 165 км, за надоле со помош на опцијата која е достапна на менувачот во крајна позиција, успеавме да наполниме енергија за домет од 204 км.

Оваа опција е со неколку степени на искористеност од кој најјакиот е за многу големи стрмни делови и натоварено возило, бидејќи во нашиот случај тој дури и запираше. По што ние го намаливме степенот на искористување со движења на менувачот лево и десно. Ова бара малку време на навикнување. Но наједноставен начин на полнење на батериите е со самото сопирање, кое можам да кажам дека е одлични и не извади во ситуација кога едно дете ни претрча пред возилото.

Возењето во E-Golf е како возење во било кој Golf, освен што ова возило има поголем стабилност поради батериите кои се сместени во подот, со што се намалува центарот на гравитација и дава чувство на поголема стабилност во кривините.

Низ Скопје за еден ден „свртевме“ 108.9 км, а на дисплејот пишуваше дека во батериите има енергија за уште 121 км. Реално јас во Скопје повеќе од 25 км. на ден не сум имал потреба да возам, а верувам дека е тоа случај и со поголемиот дел од вас кои возилото го користат за одење на работа, децата се носат во училиште, карате, базен, курс по странски јазик…. Што значи со едно полнење на батериите може да движите околу 5 до 7 дена.

Кога го паркирав возилото во мојата зграда се сретнав со проблемот на само еден струен приклучок во цела гаража, и тоа немаше да е проблем да не беше 15 метра оддалечен од паркинг местото. За среќа продолжениот кабел од 25 метри кои е со жици со дијаметар  3х2,5мм и по таванската инсталација го поврзав полначот од 7,2 kW на голфот во струјната мрежа, онаа обична на која приклучуваме и најобичен фрижидер, мобилен телефон…. Како секој модерен уред го покажа и времето на полнење кое беше окулу 7,5 часа, што и не е некој проблем.

Полнењето ми дојде некако природно, бидејќи секојдневно ги полниме нашите мобилни, апарати, музички плеери и уште многу други уреди и тракатанци. Кога возилото е заклучено тогаш не си во можност да го откачиш полначот од автомобилот, што е добра заштита. Но во секој случај користењето на ова возило бара да се има гаража или сопствен двор со паркинг место, бидејќи ние имаме талентирани луѓе кои може да пробаат да го украдат полначот или кабелот иако е под напон.

Потрошувачката на струја од 14,5 kWh/100km претворено во денари по денешниот ценовник на ЕВН изнесува 80,5 денари на 100 км, со што е нај економичниот превоз моментално, не е и нај еколошки бидеќи во Македонија најголемиот дел од електричната енергија потекнува од РЕК Битола кој користи јаглен.

Бидејќи ПРОКРЕДИТ МАКЕДОНИЈА има комплетно затворен систем на производство на електрична енергија со фотоволтаци, односно со помош на сончевата енергија, нивниот систем е нај еколошки и најчист. Со флотата од 10 електрични возила може да се рече дека Прокредит Скопје како општествено одговорна банка се пионери во намалување на загадувањето од автомобилите во Скопје, и зголемување на електрични возила во Скопје.

За нас овие неколку денови дружење со E-Golf беа доста интересни, од изненадувањето на пешаците и луѓето со велосипеди на Водно, до механичарите и постарите луѓе кои слушнале за електрични возила но никогаш не ги сретнале во живо. Воодушевувањето од овој автомобил веднаш спласнува кога ќе им ја кажеме цената која во моментов е околу 42.000 евра. Но овие автомобили ги купуваат компании и поединци кои се свесни за екологијата и загадувањата на модерниот свет. Со помош на нивните искуства автомобилските компании ќе можат да ги подобрат перформансите и да го поевтинат производството на овие автомобили, за после 10 до 15 години тие да бидат со цена на нормален автомобил и дел од нашето секојдневие.

Се надевам дека ќе дојде времето кога ќе може секој дома на својот сончев систем за електрична енергија да може да го приклучи својот електричен автомобил, воздухот во Скопје и целиот свет да биде многу почист, а загадувањето и смогот да биде само едно далечно смрдливо минато.

Текст и Фото: Орце Поповски

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK