Аукциите на автомобилите знаат да предизвикаат особен интерес кај јавноста, особено кај вљубениците на автомобилите. Тоа е така поради две причини. Првата, поради тоа што на аукциите често се “тргува” со многу ретки модели на автомобили од минатото, а втората поради тоа што лесно се достигнуваат милионски суми.
Една таква аукција е закажана за во февруари следната година во Париз, каде цел на аукција ќе биде еден од најубавите ремек дела на италијанската авто индустрија од периодот пред Втората светска војна, Alfa Romeo 8X 2900B Berlineta.
Овој автомобил кој е произведен во далечната 1939 година, односно на самиот праг на големата војна, е проценет на неверојатни 25 милиони долари што го прави автомобил со највисока почетна цена на аукциите.
Истиот овој модел кој е произведен само во ограничен број, е опремен со осумцилиндарски 2.9 литарски бензински мотор опремен со два компресори. Покрај верзијата со овој мотор, во производство помеѓу 1931 и 1939 година се најдоа и модели со 2.3 литарски и 2.6 литарски бензински мотор.
Сепак, автомобилот кој е дел од аукцијата има претрпено одредени промени во однос на оригиналниот, продукциски модел се со цел возењето да биде покомфорно, но и да се сочува функционалноста на автомобилот.