PSS Racing одлично отворија: Џиролами тргнува од третиот ред во Словачка

ОБЈАВЕНО НА:

Тимот на PSS Racing одлично ја почнува новата сезона во TCR Europe, и Франко Џиролами ќе тргне од третиот ред на денеашката прва трка што се вози во Словачка. Тој ги освои и првите бодови, пет за шестото место освоено во квалификациите.
Вториот возач на PSS Racing, Виктор Давидовски ќе тргне од 17 место во конкуренција на 22 возачи. Тој долго време се држеше на 13-14 место, но во последните кругови падна на 17 место.

Уште пред почетокот на овој тркачки викенд имаше најава дека патеката во Словачка не одговара многу за возилата на Honda, а тоа се виде и по пласманот на првите десет возила. Таму има само две возила на Honda, а токму Џиролами е најдобропласираниот автомобил на Honda.

Тимот на PSS Racing на првите два слободни тренинзи покажа дека може да се „носи“ со конкуренцијата, особено во услови кога условите на патеката се менуваа и се возеше на мокра патека и по дождливо време. Но, на квалификациите времето се подобри, па возилата на Audi и Cupra беа далеку подобри.

Најдобар во квалификациите беше Холанѓанецот Том Коронел кој со Audi RS 3 LMS постави најдобро време, пред Микел Аскона кој заостана само 0,158 секунди и третопласираниот Николас Берт.

Првата трка се вози денеска од 15,15 часот, а втората се вози утре.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK