Почнува новата сезона во TCR Europe: Виктор Давидовски со нов тим и повисоки амбиции

ОБЈАВЕНО НА:

Целта на единствениот Македонец во TCR Europe е да биде постојано меѓу оние што ќе бидат се борат за бодови и во квалификациите.

Откако лани го освои трофејот во Diamond Cup во првенството на TCR Europe, Виктор Давидовски влегува во петтата сезона со цел да биде уште подобар од лани. А во 2021 година Давидовски во конкуренција на 27 возачи освои 95 бода, и на осум трки освојуваше бодови што беше негова најдобра сезона. Сега заедно со клупскиот колега Франко Џиролами направија трансфер и ќе возат за тимот на Comtoyou Racing.

Џиролани е актуелен вице-првак во TCR Europe, a трет колега на Давидовски во тимот ќе биде ветеранот Том Коронел, кој има искуство во различни тркачки серии. Тимот на Comtoyou во 2020 година беше шампион во конкуренција на тимот во TCR Europe и ја освои и возачката титула со Меди Бенани.

Првиот предизвик сезонава за Давидовски е Португалија каде викендов на патеката Алгарве ќе се возат првите две трки. Едната утре, а втората во недела. За утре се планирани и квалификациите. Сезонава се планирани вкупно 14 трки на седум различни патеки низ Европа. Покрај во Португалија ќе се вози и во Франција, Белгија, двапати во Германија, Италија и во Шпанија каде се последните две трки на 15 и 16 октомври.

Со трансферот во новиот тим Давидовски ќе има и нов автомобил – Audi RS 3LMS наместо Honda што возеше претходните четири сезони. Откако беше официјализиран трансферот на Давидовски во Comtoyou Racing нашиот возач имаше и тестирање на новото возило. Ќе има и кратко време да го „сетира“ возилото за Алгарве.

„Имавме шанса за еден приватен тест во четвртокот, пред да започнат официјалните тренинзи во петок, со што за прв пат го почувствуваме автомобилот на оваа патека. Иако и на зимските тестирања увидовме дека новиот модел на Ауди е подобар и побрз од претходниот, сепак тука временските услови беа сосема поинакви. Оптимист сум дека конфигурацијата на патеката ни одговара за перформансите на автомобилот, но кога времето е жешко, клучно е да има добар контакт со подлогата – особено за предните пневматици. Тоа може да биде параметар кој ќе ги издвои оние што ќе јуришаат на победа. Мислам дека сите ривали калкулираат во моментов, па вистинските перформанси ќе ги знаеме дури на квалификациите. Мојата цел оваа сезона е на секоја трка да атакувам за пласман во втората сесија на квалификациите, бидејќи на таков начин секогаш ќе бидам во ситуација за освојување бодови, а на некои патеки и пласман на пиедесталот, изјави Давидовски.

Сезонава новина е што во квалификациите бодови ќе се добиваат и во двата квалификациски дела. Досега првите десет се пласираа во втората квалификациска сесија и се бореа за пол позицијата. Врз основа на тоа добиваа и бодови – најдобриот 10 бода. Сезонава тоа е сменето и бодови ќе добијат првите пет од првата квалификациска сезона (по редослед 6, 5, 4, 3, 2 и 1 бод), а потоа у петт најдобри во втората квалификациска сесија (по редослед 10, 7, 5, 4 и 3).

На тој начин се сака да се избегнат тимските стратегии кои најчесто ако веќе не можат да бидат меѓу првите на стартот се борат за 10 место што им носи пол позиција во втората трка. Останува бодувањето за првите 15 возачи на трката.

Актуелен шампион во TCR Europe е Шпанецот Мајк Аскона, но тој сезонава нема да вози во ова првенство.

Утре во 9,35 се квалификациите, а потоа од 15,15 часот е првата трка. Во недела е втората трка од 14,15 часот.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK