Марко Блажевски ќе стартува од 7. место на Гробник

ОБЈАВЕНО НА:

Лидерот во првенството на Македонија во Twingo Cup, Марко Блажевски ќе стартува од 7. место на трката што утре ќе се вози на патеката Гробник, Хрватска и е најдобропласираниот македонски возач во конкуренција на 35 возачи од шест држави.
Првите десет возачи во квалификациите се во време од една секунди, што укажува на неизвесна трка викендов. Првата трка е во сабота наутро од 11,45 часот, додека втората во недела во 17,20 часот.

Меѓу тројцата најдобропласирани Македонци се уште и Владимир Трнески (12 место) и Зоран Мираковски (19 место). Дебитантот на трката и во Twingo Cup, Бојан Костовски го освои 29. место.

Од самиот почеток на квалификациите Блажевски беше меѓу 7-8 најбрзи возачи, а поради прегрејување на гумите после 4 круг не успеа да оствари и подобро време. Лани Блажевски победи на Гробник, што беше прв триумф на македонски возачи во CEZ шампионатот на Twingo Cup, а на пиедесталот беше и Давид Малинковски.

Актуелниот првак Малинковски во квалификациите беше во срединатаи заедно со Зоран Мираковски возеа во „фирунг“ – еден зад друг. Поради мало оштетување на задниот дел Мираковски извозе само 7 кругови, четири помалку од другите, и го задржа дотогаш постигнатото време.

Резултати од квалификации на Гробник – Twingo Cup 2022

Со двете трки викендов ќе се означи половина од сезоната во која со поддршка на Automotive Group и АКК Реноспорт првпат на вакви трки учествуваат и возачи од Македонија. Покрај деветтемина Македонци кои ќе возат, има и возачи од Словенија, Италија, Србија, Чешка и од Австрија. Покрај за Twingo Cup истите трки ќе се бодуваат и за FIA CEZ првенството, и за националните првенства на Словенија и на Македонија.

Гробник е првата вистинска тркачка патека на просторите на бивша СФРЈ каде од 1978 година се одржуваат најразлични тркачки манифестации. Патеката е долга 4168 метри и има 18 свиоци.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK