ИНТЕРВЈУ ЗОРАН КАЛЕНИКОВ – Twingo Cup е приказна што ќе продолжи, купуваме уште 10 возила, ќе возиме и во Македонија

ОБЈАВЕНО НА:

Од локална идеја, до европска реализација, а заедно со Automotive Group, импортерите за Renault, Nissan и Dacia во Македонија, клубот АКК Рено Спорт почна приказната која трае три сезони, и има најава дека ќе продолжи. Каде и да се појават на патеката се атракција. Со ист мотор три сезони, и каде најважни се возачките квалитети. Од Скопје и Кичево, до Хунгароринг и Монца. Приказната продолжува, ќе се зголеми возачкиот кадар а ќе се влезе и во повисоката класа – Clio Cup.

Разговарал Горан Антевски
Фото: Слободан Ѓуриќ

Се тргна како размислување да се „размрда“ заспаниот авто спорт во Македонија, да им се понуди можност на младите возачи желни за тркачки адреналин да се испробаат, а Twingo Cup каде возат десет Македонци заврши како атракција на светските тркачки патеки во Европа. Тригодишниот план за одржување на трки од Twingo Cup беше заокружен на крајот од ноември со две трки на патеката Серес во Грција каде до последни метри се водеше борба за титулата. Шампион за 2022 година стана Марко Блажевски, а севкупен победник од трите сезони беше Давид Малинковски.

Вкупно 24 трки со исти возила, на различни патеки, речиси сите во Европа, со многу дружење, натпреварување, многу нови пријателства, учење, покажување и докажување. Од Кичево и Скопје, преку Белград, до Хунагароринг, Австрија, Словачка, Италија. Македонија покажа дека има „нови клинци“ што веќе се пораснати и можат да влезат во оган и во посериозни првенства. Чекор по чекор, се движат кон некои нови цели.

Еден од „виновниците“ за почнувањето на тркачкиот караван со овие мали „брмчалки“ кои станаа најинтересниот и најгледаниот дел од секој викенд каде ќе се појавеа, е Зоран Калеников. Од локална идеја, до европска реализација, а заедно со Automotive Group, импортерите за Renault, Nissan и Dacia во Македонија, клубот АКК Рено Спорт почна приказната која трае три сезони, и има најава дека ќе продолжи.

„Сигурно е дека продолжуваме со Twingo Cup. Веќе разговараме и ќе набавиме и нови 10 возила, и ќе имаме вкупно 22. Тие ќе пристигнат за 2024 кога ќе возиме сигурно и на домашните брдски патеки. Актуелниот шампион за 2022, Марко Блажевски и севкупниот од трите сезони, Давид Малинковски остануваат во Twingo Cup. Ќе имаме уште двајца нови возачи, за 2023 година ќе возиме на нови европски патеки, и со поголема сериозност во организацијата и со интересни награди за најдобрите, го почнува Зоран Kалеников, интервјуто за www.24auto.mk.

По три сезони на Twingo Cup се заокружува еден планиран циклус. Имаше тројца различни шампиони по сезони, се возеше во осум различни земји ( Македонија, Србија, Унгарија, Хрватска, Словачка, Австрија и Италија). Најдобриот ќе добие награда електрично возило Renault Twizzy, а се повеќемина посакуваат да бидат дел од ова натпреварување. Идејата за „еднакви трки“ стана реалност во 2019 година.

– Се тргна во 2019 година. Целта и идејата беше нашите млади возачи од Македонија да имаат полесно шанса да стигнат до тркачки автомобил и да може да ги испробаат можностите, да имаат шанса да се тркаат. Идејата почна како македонски приказна, но ја исполни целта, бидејќи излеговме надвор од Македонија на патеки каде се вози и Ф1, каде сите го допреа тлото на вистински патеки. Некои од нив веќе возат „рамо до рамо“, рамноправно со 35-те натпреварувачи од други земји. Покажавме дека сме гладни за трки, како луѓе, како народ. И, имаме и квалитет кој треба да се негува и помага, да се постигнат уште подобри резултат, вели Калеников.

НИЕ СМЕ ГОЛЕМО СЕМЕЈСТВО

* Од што си посебно горд во Twingo Cup?
– Па најважно ми е дека сите се презадоволни кога возиме на некоја светска патека. Тоа се гледа во нивните очи. Она што било некогаш недостапно сега е вистинито. Од 35 возила, 10 се од Македонија. Кога ќе се појавиме таму, па подиум со нашето знаме, химната. Некогаш знаевме и подиум да освоиме. Сето тоа не прави и среќни и горди, и пред се задоволни. Сме успеале и повеќе од планираното.

* Kaко би го опишал Twingo Cupot?
– Тоа е едно семејство во кое има натпревар, но има и помагање, учење, пренесување искуство. Караван во кој заедно патуваме, јадеме, во исти возила патуваме, во исти хотели престојуваме, на иста маса разговараме. Дружење од сабајле до вечер. Сакаме фер возење, безбедно а сепак тркачко. Сите имаат исти услови, нема форсирање на поединци. Секој може да покаже колку вреди. Ние обезбедуваме фер услови бидејќи никој нема пристап до возилата. Подготвени за трка под исти услови.

* Тука возачите доаѓаат на трка и со себе носат само тркачка опрема. Ја ставаат кацигата и седнуваат за воланот. Како вистински ѕвезди од некоја посериозна тркачка серија.
– Многупати порано имало протести за возило, па се барало отворање на моторот, па имало многу нервози. Сега нема ништо од тоа. Ние решивме да се грижиме комплетно за сите возила, сите да бидат еднакви. Ние ги транспортираме возилата, ги сервисираме, потоа ги враќаме дома, им правиме дополнителен сервис на сите, и сите исто се поправаат. Никој нема допир до возило до следна трка. Само така може да нема сомнежи. Тоа беше предноста на Twingo Cup.

МАЛИ, БРМЧАТ, СЕ УДИРААТ И СЕ ВОЗИ БЕЗБЕДНО

* Twingo Cup трките некогаш беа поинтересни од оние на повисоките класи, од посилните автомобили, од Формула болидите на некои трки на кои тие беа во ист тркачки викенд? Што е магијата на привлечноста во тие трки?
– Мали се, брмчат, се удираат, брзините не се големи, безбедни се и има атрактивни престигнувања. Не е можно да се направи нешто да бидеш побрз. Буквално доаѓа до израз умешноста на возачоте. Кога има таква трка, разликите се мали, и во нејзе од 20 минути возење, има најмалку 20 престигнувања па и повеќе. Тоа ги прави интересни, зашто не е можно никој веднаш да се оддели од групата, и лесно се стигнува од задниот дел до средината, па и повисоко. Постојано има промени, и затоа е интересно за гледање.

* Особено годинава Twingo Cup беше освежување, атракција на секоја патека. Македонските возачи иако имаа помалку трки во „тркалата“ од колегите од Словенија сепак беа рамноправни и секогаш гледани како сериозни ривали. Се тргна во уште попозитивна насока по соработката со словенечка Lema. Како дојде до таа соработка?
– После нашето прво излегување од Македонија, на Ушќе во Белград дојде до идејата за нешто вакво. Дотогаш Lema имаше возила кои се натпреваруваа во неколку различни класи, и плус возила од Twingo Cup koi им беше како за словенечки патеки, и не се појавуваа на трки надвор од Словенија. Кога ние се појавивме на патеката на Ушче бевме атракција, имавме свој шатори, сопствен бокс, бевме со големо медиумско внимание. После им предложив дека треба да имаме трки и надвор од Македонија и Словенија, и да имаме и други трки да се појавиле. Се договоривме дека ќе биде интересно да возиме на поголеми и познати светски патеки. Така почнавме. Само што почнавме на Хунгароринг стана интересно и секоја трка се зголемуваше бројот на возила, и сега имаме 35 до 38. Тоа е веќе проблем, има многу возила. Но, затоа е гледан и атрактивен. Покрај за првенството на Словенија и за Македонија, трките се бодуваат за уште два други шампионат, за ЦЕЗ и ЕСЕТ.

* Колку е тешко да се организира сето тоа, од логистика, превоз, механичари, сместување…
– Имајќи ги можностите на нашата импортерска куќа, Automotive Group, која има и механичарски и автолакерски сервис сето тоа се постигнува. Ни требаат две недели подготовки за се. Почнуваме со првичните поправки, мерења, па 4-5 дена ни е транспорт, треба да одат со осигурувања, сместување и се друго. Тимот од 4 механичари има целосен сет алати, каде заедно со Lema имаме заедничкиот бокс, кој е најмалку 800 м2. Постои и падок клуб за дружење и јадење. Многу слично како и на сите сериозни трки како на Ф1. Механичаите некогаш работат и цела ноќ за да ги подготват возилата.

ЌЕ КУПИМЕ УШТЕ 10 НОВИ ВОЗИЛА

* Има ли дефекти на моторите? Колку издржува еден мотор?
– Twingo Cup е интересен бидејќи преносот на силата е на задните тркала и ги прави слични на картинг. Моторот е фабрички, не е преработуван, и нема големо оптоварување. Тоа е истиот мотор од самиот почеток. Моторот нема дефекти на неговото форсирање и возење. Се друго како менувач, амортизација се изработени да бидат според регулативите на ФИА. Каросеријата е лесна, секоја гребнатина се лепи со селотејп, знаат да се откачат браници, па и да се искршат делови. Па има случаеви кога и без браник или хауба продолжува да се движи, и не губи од аеродинамика.

* Овие Twingo Cup трки покажаа дека Mакедонците се гладни за тркање, за натпреварување, за адреналин. Од првата сезона, па до оваа трета повеќемина нови возачи се приклучија на твинго караванот. Тргнавте со десет возила, но доколку постоеше можност сигурно таа бројка можеше да биде и поголема. Се размислуваше li да се зголеми бројот.
– Постојано има барања за нови возила, за вклучување во првенството на нови возила и возачи. Во целиот тој караван и организација трошок за 1-2 или 3-4 возила е исто како и за 10. Имавме добро планирање. Не ги одбивме тие што се заинтересирани. На пат сме да обезбедиме уште 10 нови возила, па да имаме вкупно 19 или 20 возила, за да може караванот биде од 2 автовоза. Има друг проблем, околу возила, бидејќи тешко се наоѓаат возила, и не знам како ќе настапуваме со толку многу возила. Можеби ќе има 2 трки, ќе имаме повеќе од 40-45 возила, и нема да не примат на една трка, па ќе мораме да правиме две трки, и нешто да смислиме околу селекција. Следните 10 возила ќе бидат за сезоната 2024. Тие возила ќе се појават и во Македонија и ќе возат на нашите ридски патеки.

ВО 2023 ЌЕ БИДЕМЕ УШТЕ ПОАТРАКТИВНИ И ПОСЕРИОЗНИ

*Веќе се разговара за следната 2023. Најавени се доста новини, во правилата и наградите, па Twingo Cip ќе стане уште поатрактивен. Што се ќе биде ново?
– Првите тројца од Twingo Cup на Македонија и севкупно, и на оние од Словенечки Куп ќе им се овозможи да возат во Clio Cup, на два тркачки викенди. Ќе можат да се пробаат во повисока класа. Ќе се натпреваруваат меѓу себе. Од тоа што ќе го постигнат на тој викенд, ќе видат дали имаат квалитет да продолжат понатаму. Некои од нив ќе возат и цела сезона во Clio Cup. Тој е скап, од причина на делови и мотори. Но, од друга страна, токму Clio Cup е единствен што има лансирано толку многу светски возачи. Речиси да нема возач кој не возел во Clio Cup. Тоа е одлична отскочна даска.

* Ќе има промени и во правилата, однесувањето на патеките..
– Ќе има баланс со тежина за најдобрите. Целта е да нема постојано исти кои би биле меѓу победниците, па затоа после секоја трка ќе се ставаат дополнителни килограми од 20 до 40 кг. во зависност од местото. Ќе има постојан директор, судија, и технички делегат. Плус ќе има бодување на класа на возачи кои имаат над 40 години.. Сите ќе бидат наградувани посебно на секоја трка. Слично коко во TCR.

* Планирани се седум трки за 2023. Ќе се вози на Имола, Хунгароринг, Словачка, Гробник, Муџело, Мисано. Сезоната треба да почне во април 2023, а да заврши на 5 ноември со трка на Мисано.
– Ќе ги возиме сите трки, со исклучок на таа што е планирана на 5 и 6 август, поради одморите. Сите заедно решаваме каде ќе возиме.

* Сега на Серес имаше трки меѓу жени како ревијална која помина одлично. Twingo Cup постојано изненадува со различни идеи.
– Имаме и некои други замисли. Планираме на Гробник да имаме ревијален трка, на неколкумина TCR возачи да возат со Twingo со нашите македонски натпреварувачи. Генерално ја прифатија од TCR нашата идеја. Би изнајмиле 6 возила, и би имале вкупно 15-16 возила на Гробник. Тоа е планирано за 22 и 23 јули. Ако успееме ќе биде супер.

TWINGO CUP СЕ ВРАЌА И ВО МАКЕДОНИЈА

* Може ли со Twingo некоја трка повторно да се вози во Македонија?
– Во 2024 сигурно ќе возиме на трка во Кочани, ридска. За друга кружна патека, немаме можност бидејќи на Скопје има високи тротоари, а Кичево не е безбедна. Но, на некои ридски сигурно ќе возиме. Ако имаме некоја патека во Македонија слично како Серес тогаш би имале секој месец некоја трка.

* Следна година ќе биде ли ист возачкиот состав?
– Има двајца нови возачи или евентуално три. Остануваат девет возила. Ненад Костовски Нешо нема да вози, и на негово место доаѓа нов возач. И Ангелче Стојковски кој е првак во мотокрос во Македонија заминува и доаѓа друг возач на негово место. Сегашниот и ланскиот првак остануваа во Twingo Cup. Ќе се обидеме да им овозможиме 1 или 2 викенди и во Clio Cup, на некоја друга патека.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK