Игор Стефановски на подиумот во Имола на TCR Italy (Видео)

Игор Стефановски одлично го почна тркачкиот викенд во TCR Italy искачувајќи на пиедесталот на првта трка возена на патеката Имола. Ова е најдобриот пласман за нашиот возач сезонава во TCR Italy, со што го зацврсти 6. место во генералан пласман.

Победник на трката беше Кевин Чекон, а Стефановски по одличниот старт веднаш се искачи едно место горе, и по првиот свиок влезе како третопласиран. Неколку минути остана на таа позиција иако имаше силен притисок од Евгени Леонов кој во квалификациите беше подобар, но имаше лош старт.

Откако лидерот и освојувачот на пол позицијата, Микел Аскона имаше технички проблеми со автомобилот мораше да оди во боксот, а тоа му овозможи на Стефановски да биде второпласиран, а Чекон да го преземе водството.

Следните неколку кругови беа напорни за Стефановски кој повторно беше под притисок на Леонов и му „дишеше во врат“ обидувајќи се да го престигне. Нашиот возач сето тоа не само што го издржа туку набрзо „додаде гас“ и направи разлика од неколку секунди која остана до крајот на трката.

Следната трка повторно на Имола се вози утре.