Clio Cup е исполнување на визијата на Twingo Cup – создавање нови успешни македонски возачи

ОБЈАВЕНО НА:

Неколку години работевме за ова, вложувавме и го подигнавме македонскиот авто спорт до граници каде за нас знаат не само во соседството туку и во Европа. Преку Twingo Cup им овоможивме на нашите млади, талентирани, па и искусни возачи да имаат шанса пред себе. Да покажат што знаат, со возила каде најмногу до израз доаѓа токму тркачките квалитети. Сега Clio Cup е продолжување на оваа успешна македонска тркачка приказна, вели Зоран Калеников од Аутомотив Груп

Македонија за првпат ќе има претставник во ESET Clio Cup каде годинава ќе се натпреварува Давид Малинковски, актуелниот севкупен победник на Twingo Cup. Настапот на Малинковски во Clio Cup е всушност заокружување на една успешна приказна, на една идеја и визија што ја имаше Зоран Калеников, заедно со АКК Рено Спорт и Аутомотив Груп, увозникот за Renault, Nissan и Dacia за Македонија. По неколку години вложување, работа и организација, сега се гледа плодот на труд и реализирањето на идејата што ја имаше.

Целта на Twingo Cup беше да се размрда македонскиот спорт, кој беше во децениски „зимски сон“, но и да им се даде шанса на оние што имаат возачко искуство и знаење да видат до каде се со сопственикот квалитет, но на европски патеки против конкурентни возачи од различни држави. А истовремено, и да им се овозможи на оние што сакаат да соберат искуство и да продолжат понатаму во нивното искачување на скалилата на моторспортот. Сега Clio Cup ќе биде нов предизвик.

„Со влегувањето на Давид Малинковски во ESET Clio Cup се исполнува една желба, една визија и еден убава спортска приказна. Неколку години работевме за ова, се одрекувавме од многу нешта, вложувавме и го подигнавме македонскиот авто спорт до граници каде за нас знаат не само во соседството туку и во Европа. Им овозможивме на нашите млади, талентирани, па и искусни возачи да имаат шанса пред себе. Да покажат што знаат, и тоа против возачи од Европа, со возила каде најмногу до израз доаѓа токму тркачките квалитети. Иако не сме се уште не посакуваното професионално ниво, видовме дека и како возачи, па и како клуб и земја можеме да бидеме рамноправни со многу други, вели Зоран Калеников.

Тимот на АКК Рено Спорт годинава ќе биде многу позафатен. Ќе биде присутен и во Twingo Cup, но и во Clio Cup. Токму Clio Cup важи за отскочна даска на речиси сите досегашни професионални возачи кои својата кариера ја продолжуваат потоа во многу посериозни тркачки серии, па дури и во Формула 2 и Формула 1. Tоа е серија во која повторно до израз доаѓаат возачките способности, но се учат и сите други тајни околу подготовката на возилото.

Календарот на ESET Clio Cup се состои од 6 тркачки викенди и едно пред сезонско тестирање. Првиот тркачки викенд се вози на 8 и 9 април во Ошерслебен (Германија). Потоа серијата продолжува во Унгарија на патеката Хунгароринг (29/30 април), а на 20 и 21 мај ќе се вози на патеката Ред Бул Ринг во Австрија. Во текот на летото, во август се предвидени две трки, првата во Чешка на патеката Мост (5/6 август), а на 19 и 20 август на Словакиа Ринг. Сезоната ќе заврши на 9 и 10 септември на патеката Брно во Чешка.

„ Среќни сме што Давид Малинковски во 2023 година ќе вози во ESET Clio Cup. Ова е сатисфакција за Давид, но и наша, на АКК Рено Спорт, и Аутомотив Груп кои имаа визија и истата ја остварија. Clio Cup е посериозно натпреварување, но со искуството што го собравме овие три години преку Twingo Cup сигурен сум дека заедно со Давид ќе успееме повторно да остваруваме доби резултати. Ова е нова тркачка приказна, за нас, за Давид за македонскиот автомобилизам и верувам тоа ќе им даде мотив и на другите македонски возачи да се појават на тркачките патеки, вели Зоран Калеников од Аутомотив Груп, кои пред четири години почнаа со организирањето на Twingo Cup, а чија цел беше токму влез на најмалку еден возач во Clio Cup.

“Секако морам да ги споменам и оние што постојано без со нас овие години и веруваа во она што го правевме. Заедно со АКК Рено Спорт и Аутомотив Груп, овие неколку сезони постојано со нас беа и Агенцијата за млади и спорт, Автомобилистичката федерација на Македонија, ПСС, Триглав, Шпаркасе лизинг… Заедно одиме и во следните сезони, вели Калеников.

Малинковски и сега ќе вози за тимот на AKK Рено Спорт за кој настапуваше и досега во Twingo Cup. Ќе вози петта генерација на Clio Cup 5 со турбо мотор и 220 КС и секвенционален менувач со 6 степени. Тој уште летово на патеката Гробник во Хрватска првпат го тестираше возилото,  а сега се наоѓа во Италија каде ги има и првите официјални тестирања пред почетокот на новата сезона.

„Clio Cup е приказна што сега почнуваме да ја пишуваме и верувам ќе бидеме исто така успешни како што бевме и со Twingo Cup. Сезонава ќе биде интересна бидејќи ќе бидеме заедно со Давид на неговите трки од ESET Clio Cup, но го продолжуваме и првенството на Twingo Cup. Сезонава имаме седум трки во календарот на Twingo, од што трипати ќе возите во Италија (Монца, Имола и Муѓело), еднаш во Словачка (Словакиа Ринг), еднаш во Чешка (Брно) и на крајот на патеката Гробник во Хрватска. Ќе имаме осум возила, и само еден нов натпреварувач. Тоа значи дека сезонава очекуваме уште подобро резултати, бидејќи сите возачи зад себе имаат најмалку од една цела сезона, некои по две, а некои и три успешни сезони на патеките„, вели Калеников.

Лани победникот од трите сезони во Twingo Cup во Македонија доби награда – електрично возило Renault Twizzy, а по секоја сезона најдобрите три возачи добија и парични награди. За новата сезона најавени се доста новини, и Twingo Cup ќе биде уште  поатрактивен.

„Првите тројца од Twingo Cup на Македонија и севкупно, и на оние од Словенечки Куп ќе им се овозможи да возат во Clio Cup, на два тркачки викенди. Ќе можат да се пробаат во повисока класа. Ќе се натпреваруваат меѓу себе. Од тоа што ќе го постигнат на тој викенд, ќе видат дали имаат квалитет да продолжат понатаму. Ќе има баланс со тежина за најдобрите. Целта е да нема постојано исти кои би биле меѓу победниците, па затоа после секоја трка ќе се ставаат дополнителни килограми од 20 до 40 кг. во зависност од местото. Ќе има постојан директор, судија, и технички делегат. Плус ќе има бодување на класа на возачи кои имаат над 40 години.. Сите ќе бидат наградувани посебно на секоја трка. Слично како во TCR, продолжува Калеников.

Сезонава Twingo Cup и Clio Cup ќе имаат еден заеднички тркачки викенд. На крајот на април на Хунгароринг ќе се возат трки од двете првенства. Потоа исто така на почетокот на август во Чешка ќе се спојат двете првенства.
Во меѓувреме, Twingo Cup почнува на 1 април во Монца, Италија, а следната недела и првата трка од ESET Clio Cup на Ошерслебен во Германија.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK