Шведскиот производител на камиони и автобуси Scania, дел од германската групација Volkswagen, најави укинување на 750 работни места во Шведска, јавува AFP.
Најголем дел од намалувањето ќе се одрази во административните оддели – околу 400 позиции во човечки ресурси и уште 300 во деловните единици, додека производството нема да биде засегнато.
„За да останеме силни во иднина, мора да се прилагодиме, да го развиеме начинот на работа и да преиспитаме како сме организирани“, се наведува во пораката на компанијата.
Scania вкупно вработува 59.000 луѓе ширум светот, но не објасни конкретно кои пазарни услови ја натерале на ваквиот потег.
Групацијата Traton, која ги обединува брендови како Scania, MAN, International, Volkswagen Truck & Bus, IC Bus и Neoplan, во јули соопшти дека во првата половина од годината продала 4% помалку возила во споредба со истиот период лани. Дополнително, групата се соочува со неизвесност на американскиот пазар поради воведување царини.









