Во 2018 година во Македонија биле увезени вкупно 39.594 возила што е зголемување за 8.108 возила. Според податоците од Царинската управа од овој број на возила, најголемиот дел отпаѓа на половните возила – 30.237 (зголемување од 7.273 возила во однос на 2017). Во однос на новите автомобили зголемувањето е за 9,2 отсто, односно за 432 возила.
Во оваа бројка на нови автомобили се вклучени сите автомобили за кои е веќе завршена царинската процедура, односно за истите е платена царината, но тука секако влегуваат и возилата што се наоѓаат во салоните и се нудат за продажба. Асоцијацијата на увозници на автомобили во Македонија при Сојузот на стопански комори на Македонија веќе неколку години не нуди комплетни податоци за продажбата бидејќи дел од увозниците не ги доставуваат податоците, па затоа бројката што тие ја имаат не е вистински показател за продажбата.
Четврта година по ред има зголемување во продажбата на нови автомобили во Македонија. Во 2014 година имаше 3.052 увезено ново возило, и од тогаш секоја година се зголемува бројот на увезени возила. Најлош период беше токму таа 2014 година кога беше забелешан најлошиот резултат.
Половните автомобили се уште се на цена и нивниот број скокна во однос на лани. Сега се увезени 30.237 возила, што е зголемување за 7.273 возила. По седум години првпат е надмината бројката од 30.000 увезени половни возила (во 2011 – 34.326).
Нема информација колку од овие половни возила се продадени, но сигурно е дека добар дел се уште се на авто плацевите и го чекаат својот нов сопственик.