Наскоро ќе се лета без преседнување: Qantas тестира директен лет Сиднеј – Лондон

ОБЈАВЕНО НА:

Доколку бидат лансирани успешно, овие ќе бидат најдолгите директни летови во светот. Тестовите ќе започнат подоцна оваа година, при што секој ќе носи 40 патници за да се следи нивното однесување за време на патувањето.

За да се стигне до Австралија од Европа мора да се има најмалку едно застанување и преседнување. Дали тоа ќе биде некаде на Блискиот Исток или Малезија сепак засега не постои опција директно без застанување да се стигне до Сиднеј. Но, наскоро тоа ќе се смени.

Австралиската авиокомпанија Qantas почна да тестира 19-часовни летови за да утврди дали патниците и екипажот можат да издржат маратонски патувања. Компанијата планира да опслужува два континуирани летови од Сиднеј кон Лондон и до Њујорк и тоа од 2022 година.

Главниот извршен директор на Qantas, Алан Џојс изјавил дека директните летови од источното крајбрежје на Австралија кон Лондон и Њујорк претставуваат „последната граница во авијацијата“. Летањето на ултра долги растојанија отвора многу прашања во врска со удобноста и благосостојбата на патниците и екипажот, рекол Џојс.

Од авиокомпанијата соопштија дека постојаните летови од Њујорк и Лондон кон Сиднеј ќе траат околу 19 часа, во зависност од ветерот и временските услови.

Авиокомпанијата ќе спроведе три тест летови, а учесниците, составени од екипажот и персоналот на „Qantas“, ќе бидат опремени со технолошки уреди што ќе ги носат со себе. Ќе се следи однесувањето при спиење, заедно со потрошувачката на храна и пијалоци, за да се утврди влијанието врз здравјето и биолошкиот часовник.

Летовите ќе бидат изведени со Боинг 787-9. Авиокомпанијата соопшти дека ќе донесе одлука дали да ги почне до крајот на годината.

Конкуренцијата на пазарот за ултра-долги летови се интензивира во последниве години, при што различни авиокомпании започнаа да летаат на ултра долги патеки. Сингапур ерлајнс лансираше речиси 19-часовно патување од Сингапур до Њујорк минатата година, што во моментов е најдолгиот трговски лет во светот.

Исто така минатата година, Qantas започна 17-часовен континуиран лет од Перт кон Лондон, додека Катар има 17,5 часовна линија помеѓу Окланд и Доха.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK