Откако прeтходно годинава беше преставен силниот 911 Turbo S, сега светлината на денот ја здогледа и „обичната“ турбо верзија 911. Porsche на купувачите им понуди купе и кабриолет верзии, а двата автомобили ги придвижува 6-цилиндричен 3.8-твин-турбо „боксер“ мотор кој во Porsche 911 Turbo испорачува 580 коњски сили и развива 750 Nm.
Во однос на претходната генерација, автомобилот располага со дополнителни 32 коњски сили, додека максималниот вртежен момент е зголемен за 40 Nm. Како и кај моделот 911 Turbo S, силата се пренесува на тркалата по пат на автоматизиран 8-брзински PDK менувач со двојно квачило.
Новото Porsche 911 Turbo забрзува до стотка за 2,8 секунди штое за 0,2 подобар резултат во споредба со претходникот. Максималната брзина остана иста и изнесува 320 км/ч.
На купувачите покрај стандардната суспензија имаат и опциска PASM Sport суспензија, која дополнително го спушта возилото за 10 мм. Како опција за доплата може да се нарача и системот Porsche Dynamic Chassis Control (PDCC), со технологија за спречување на превртување на автомобилот, како и спортски издувен систем.
Предните гуми се со димензии 255/35 R20, додека задните се 315/30 R21. Управувањето на сите четири тркала е стандарден дел од новата Turbo 911, како и погон на сите тркала. Меѓу опциите е и унапредениот систем за кочење со керамичко-композитни кочници. Еден вака исклучителен автомобил го следи и одговарачка цена. Така 911 Turbo Coupe во Германија чини 180.811 евра, додека кабриолет верзијата е од 194.035 евра.