Македонска иновација: Од стари „фиќовци“ прават електрични возила

ОБЈАВЕНО НА:

Ако имате добро сочувана каросерија од „фиќо“ тогаш од истото можете да се направи електрично возило, а тоа го прави ББ Класик Карс, компанијата што го направи првото електрично возило во Македонија. ЗАС Г20 денска беше промовиран во Скопје со надеж дека во иднина исти вакви возила ќе има повеќе на улуците во Македонија.

Разликата во однос на актуелните електрични модели што сега се популарни во светот, е што ЗАС Г20 е направен на реставрирана каросерија од „фиќо“. Во понудата на ББ Класик Карс има четири модели, Г20, ТЦ20, ТЦР 20 и ТЦР50. Разликата е во силата и перформансите.

ЗАС Г20 привлекува внимание со ретро дизајнот и конкурентноста во доменот на малите електрични автомобили. Ги има сите карактеристики на квалитетен електричен автомобил: нултата емисија на јаглероден диоксид (0 г/Км), конкурентни возни својства, досег со едно полнење до 150 км во реални услови на возење, како и максимална брзина ограничена на 130 км/ч. Времето на полнење изнесува 3-3,5 часа на домашен мрежен приклучок, истото толку и на јавен наизменичен приклучок, а на јавен брз еднонасочен полнач доволни се 15 минути.

Цената на основиот модел е околу 20.000 евра. Од моментот на дефинирање на нарачката до испораката ќе има околу два месеци. Три возила се веќе нарачани, од германската компанија за производство на електромотри – Кеслер. Нивните електромотори се вградени во овие електрични возила.

Конструкторите на возилото не кажаа многу детали, како што се гаранцијата осбено на каросеријата, бидејќи се работи за реставрирани, а не нови каросерии. Немаше ниту информација дали исите ги минале барањата за безбедност, особено што во прикажаниот модел нема безбедносен ремен за патниците!

ЗАС Г20 е резултат на повеќегодишно професионално ангажирање на тимот на ББ Класик Карс, во соработка и со поддршка на повеќе специјализирани фирми и занаетчии, како и на финансиската поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).