Kia ProCeed ќе има пет врати

ОБЈАВЕНО НА:

Откако претходно беше објавена тизер фотографија, а во пресрет на официјалната саемска премиера закажана за во Париз, јужнокорејскиот производител Kia го претстави моделот ProCeed.

Се чини дека Kia успешно го трансформираше овој хечбек со три врати во т.н. shooting brake со пет врати. Причината причината за ваквиот потег на инжинерите во Kia е големиот пад во побарувачката на автомобили со три врати. Токму и самото позиционирање, барем од аспект на димензиите, на ProCeed ќе биде помеѓу Ceed и Ceed Sportwagon.

Димензионалните карактеристики покажуваат дека ова ќе биде доста просторен и комфорен за патниците автомобил. Должината изнесува 4.605 мм, висината изнесува 1.422 мм, а во споредба со актуелната караванска изведба, ProCeed е подолг за 5 мм, но и со поголем клиренс за исто толку мм.

Целосно развиен во евроспкиот центар за дизајн лоциран во Франкфурт, а раководен под палката на Грегори Гилам и Петер Шрејер, овој модел има за цел високо да се позиционира на европскиот пазар. “Падот на пазарот за тривратни хечбек автомобили во Европа ја доведе под знак прашање иднината на ProCeed” изјави Грегори Гилам кој додаде дека токму тоа е причината за драстичната промена во поглед на изгледот.

Се чини дека овие двајца дизајнери успешно го положија испитот, и покрај тоа што автомобилот сеуште не е пуштен во продажба и не може да се евалуираат продажните перформанси. Ваква констатација може да се донесе по екстериерот кај кој предниот дел е целосно преземен од основната Ceed изведба додека задниот дел му дава поагресивен карактер. Внатрешноста во целост е преземена од Ceed со неколку дополнителни ситни детали.

Потрошувачите ќе имаат можност да избираат еден од трите основни мотори. Понудата започнува со 1.0 литарскиот T-GDI мотор со 118 КС кои се користи кај сите нови модели на јужнокорејскиот производител. Тука е и помоќниот 1.4 литарски мотор со 138 КС како и целосно новиот 1.6 литарски CRDi Smartstream дизелски мотор со 134 КС кој доаѓа во комбинација со мануелен и автоматски менувач.

Производството на новата Kia ProCeed започнува овој ноември во европската фабрика во Словачка, додека стартот на продажбата е закажан за првиот квартал од следната година. Засега останува непознаница почетната цена, но истата се очекува да биде обелоденета на претстојниот саем во Париз на кој е закажана и саемската премиера.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK