Audi A3 Sportback од сите агли и сите детали (ФОТОГАЛЕРИЈА)

ОБЈАВЕНО НА:

На почетокот на март компанијата Audi ја претстави четвртата генерација на моделот A3 Sportback. Светската премиера требаше да се одржи на саемот во Женева, но таа манифестација е откажана од веќе познати причини, па германскиот произведител ги засили онлајн промоциите со голема галерија на фотографии.

Четвртата генерација на овој премиум компактен хечбек е поставена на модулната MQB механичка платформа на Volkswagen, а автомобилот има динамичен изглед во однос на претходникот. Новиот Audi A3 Sportback има понагласени спортски пропорции и контури, а за тоа придонесува за зголемувањето на димензиите. Во споредба со третата генерација која заминува, автомобилот е подолг за 3 сантиметри, а вкупната должина изнесува 4,34 метри. Исто така е и нешто пиширок односно 1,82 метри.

Растојанието меѓу оските не е сменето и изнесува 2,64 метри. Инженерите на Audi ја унапредија и аеродинамиката на возилото, па коефициентот на отпор на воздухот сега изнесува 0,28. Капацитетот на багажникот е 380 литри, а може да се зголеми на максимални 1200 литри со спуштање на задните седишта.

Основниот модел е опремен со тркала со пречник од 16 инчи, додека поскапите варијанти имаат алуминиумски бандажи со пречник до 19 инчи. Со помош на опцискиот адаптивен систем за суспензија, Audi A3 Sportback може да се спушти поблизу до асфалтот за 10 милиметри, а специјалната спортска суспензија го намалува растојанието од афалтот за 15 милиметри.

Ентериерот на возилото е доста изменет во споредба со претходниот Audi А3. Тоа пред сè се два нови дигитални екрани. Централно поставениот 10,1-инчен дисплеј на мултимедискиот систем убаво се вклопен во командната табла, а како и целта централна конзола благо е ориентирана кон возачот што дополнително ја подобрува ергономската карактеристика на автомобилот. Другиот екран се наоѓа пред возачот и служи како контролна табла. Достапен е во две димензии.  Помала со дијагонала од 10,25 инчи и поголема од 12,3 инчи.

Новиот А3 нема „touchscreen“ дисплеј за клима уред како поновите и поголеми модели на Audi, туку ги имат задржано класичните физички команди. Моторизацијата е очекувана кога е збор за возилата од VW групацијата која користи MQB механика. Основната бензинска верзија се напојува од трицилиндричен 1.0-литарски турбо мотор со 110 коњски сили. Турбополнетиот бензинец со обем од 1.5-литри е достапен во стандардната и во опција со „благ“ хибриден погон, а во двете варијанти располага со 150 коњски сили.

Оние кои ќе се одлучат за дизел, можат да сметаат на 2.0 TDI во верзии со 116 коњски сили и 150 коњски сили. Силата на тркалата се пренесува по пат на 6-брзински мануелен или 7-степен автоматски менсувач со двојно квачило. На почеток за купувачите ќе биде достапен само А3 со преден погон, додека quattro верзиите ќе се појават нешто подоцна. Наскоро може да се очекува и спортски ориентиран Ауди Ѕ3, а потоа и RS3 со 2.5-литарски петцилиндричен мотор со околу 400 коњски сили.