МАЈСТОРИ ОД СОСЕДСТВОТО: Му се исполнил сонот – потрошил 18 месеци и 2.700 евра да си реставрива Yugo

ОБЈАВЕНО НА:

Кристијан Димовски е младо момче од Скопје на 25 годишна возраст, без претходни знаења околу реставрирање на автомобили, но љубовта и желбата самиот да си реставрира и да си вози Yugo конечно му се остварила. Потрошил 18 месеци „од корен“ да го смени возилото, да го дотера според неговиот вкус, а притоа да се задржи автентичноста и да може истото да се регистрира. Потрошил и 2.750 евра колку шти му требале да го среди, и имал единствено помош од неговиот чичко околу лимарските детали.

Моделот што го реставрирал бил Yugo 55 од 1992 година. Единствената важна измена од онаа на оригиналниот модел е што во внатрешноста вградил мотор од Tempra 1,6 со што бил заменет неговиот „фабрички“ 1,1 литарски. Поради силата на моторот сменети се и големината на тркалата па наместо стандардните 13 инчни бандажи сега се вградени 14 инчни. И се функционира беспрекорно.

„Идол ми беше Крсте Трајковски, македонскиот натпреварувач кој се тркаше токму со Yugo. Отсекогаш сум посакувал самиот да си средам едно возило, и тоа самиот, од „нула“. Сосема случајно го купив ова Yugo од роднини во Скопје и така почна приказната. Единствено имав помош од мојот чичко кој има сервис и тој ми помогна околу лимарските детали, се да се среди. Се друго е дело на моите раце, раскажува Кристијан.

Моделот што некогаш беше национално возило во СФРЈ и сега може да се сретне на нашите патишта. Но, официјално не се произведува. Тоа првично му било проблем на Кристијан околу обезбедување на делови. Но, во денешно време преку социјалните мрежи е полесно да се најдат сите делови. И се е сменето, реставрирано, до најмало делче.

„Најмногу користев помош од луѓето кои продаваа вакви или слично возила. Бев изненаден што некои од деловите беа и оригинални, и се уште ги има. За некои требаше да се бараат половни, да се посетуваат пазарите, складиштата. Но, се беше најдено, и најмалите детали, продолжува Димовски. – На пример само за боја потрошив повеќе од 9.000 денари. Па потоа лакирање, китирање…

Сега е горд што успеал да си го исполни сонот. Целиот процес на реставрирање го фотографирал и е направено кратко видео во однос на тоа како изгледало возилото кога го донел кај себе во гаражата и какво излегло. И сега истото го вози. Користи плин, слично како и кога го земал пред да почне ресаврацијата.
Нема механичарско искуство. Најчество е тоа сопствено учење, љубопитност, гледање и помагање. Она што не го знале, го консултирал неговиот чичко, нешто и преку туторијали на интернет.

„Среќа што Yugo не е комплицирано возило, нема многу комплицирана електроника. Ми требаше малку помош околу поврзување на електрониката, на светлата, на брзинометарот, на мерачот на вртежи. Самиот ги менував деловите на моторот, сите духтунзи и сите детали. Самиот го чистев моторот и ги склопував деловите. Тоа ми претставуваше големо задоволство, вели Кристијан.

Откако е завршена оваа фаза, сега размислува да се „фрли на работа“ на друг проект. Нешто слично а сепак различно.

„Брат ми е во Австралија и размилсуваме заедно да реставирираме некоја Honda Civic. Но, тоа ќе биде наскоро. Засега уживам во моето Yugo.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK