Со каков автомобил ќе се вози Папата во Скопје?

ОБЈАВЕНО НА:

Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Фрањо за прв пат ќе ја посети Македонија. Во рамките на балканската турнеја Папата Фрањо на 7 мај ќе пристигне во Скопје, откако претходно ќе ја посети и Бугарија. Тој ќе оствари средби со високи државници и дипломати, а исто така ќе одржи литургија во Католичката Црква во Скопје, но и ќе се сретне со јавноста на Плоштадот Македонија.

Кога е во прашање Папата, сите детали привлекуваат големо внимание, а несомнено љубопитност предизвикува и тоа со каков автомобил ќе се вози низ Скопје.

Секако, прво нешто што паѓа на ум е блиндираниот Mercedes S кој во јавноста предизвика лавина информации откако истиот беше купен за 600 илјади евра, а за што СЈО отвори истрага. Алтернативата на овој Mercedes, е уште еден Mercedes. Овој пат станува збор за Mercedes-от на Јосип Броз Тито кој во одлична состојба е гаражиран во гаражите на МРТВ.

Овој автомобил во кој всушност никогаш не се возел Тито, е од моделот W115 произведен во 1974 година. Опремен со 2.3 литарски бензински мотор овој автомобил има голема колекционерска вредност, па оттука беше понуден во минатото на многу државници при нивните официјални посети во Македонија, а најблиску да се вози беше емирот од Катар кој во 2011 година ја посети нашата земја. Тогаш овој автомобил го пречека него на пистата на скопскиот аеродром, но на крајот до Скопје патуваше со Mercedes од поновата генерација.

Во игра се и автомобилите на Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Македонија. Оваа служба располага со неколку Volkswagen Passat автомобили како и Audi A4.

Фрањо е скромен кога се во прашање автомобилите. Така тој во САД се возеше со Fiat 500L, при посетата во Ирска тој користеше Skoda Rapid Spaceback, а при историската посета на арапскиот свет се возеше во Kia Soul. Оттука и шансите да се вози во некој од погоре споменатите автомобили е доста мала.

Оттука, сметаме дека големи шанси во улога на Папамобил на 7 мај да се најде Fiat 500X, Fiat 500L или Jeep Renegade како автомобили од FCA која има одлични односи со Ватикан донирајќи бројни автомобили на Католичката Црква во Италија. Помали шанси препишуваме на Kia Soul, Kia Stonic, Seat Arona, Skoda Octavia, а кој автомобил на крајот ќе биде одбран од Папата Фрањо останува да видиме на 7 мај.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK