Како да ги исчистите флеките на седиштата во автомобилот

ОБЈАВЕНО НА:

Немате кожни седишта, а не е економично после секоја дамка од кафе или чоколадо на седиштата да го носите автомобилот на хемиско чистење. Дамките се ноќна мора за секој сопственик кој внимава на чистотата во возилото, а овие совети може ќе помогнат да се решите од некои од најчестите флеки.

Мастика – нанесете леден спреј за мастиката да се стврдне и исчистете со раката. Ако останат делови може да ги отстраните со дестилирана вода.

Маснотија – ако реагирате брзо со хартиени марамици или мека крпа ќе успеете да соберете добар дел од маснотијата. Врз остатокот од дамката посипете беби пудра и после 30-тина минути со четкичка за заби и со правосмукалка едноставно очистете го местото.

Кафе – сунѓерче, врела вода и средство за перење на ентериер е најдобрата комбинација за оваа дамка.

Чоколадо – Сунѓерче кое сте го оладиле во замрзнувачот или неколку коцки мраз со кои ќе го смрзнете и чоколадото. Откако чоколадото ќе се здрви, покрупните парчиња може да ги соберете без страв дека ќе се втрла во седиштето.

Крв – во крпа ставете неколку коцки мраз и со крпата тапкајте врз дамката. Потоа површината измијте ја со ладна вода и брзо осушете го местото.

Кока Кола – дамката натопете ја со врела вода и потоа нанесете средство за чистење на ентериер, наменето за суво перење.

Млеко – за поголема количина возилото мора да го однесете во перална на детално чистење, но за мала количина на исипано млеко може да се послучите со песок за мачки. Песокот ќе го впие млекото од местото каде е посипано, а потоа исчистете со врела вода и средство за дезинфекција.

Парфем – на дамката нанесете мешавина од бел оцет и вода во сооднос од 1 спрема 4, а потоа исперете со вода.

Јајце – комбинација на врела вода и средство за чистење садови е одлично решение. Со сунѓерче исчистете ја дамката.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK