Ако направите сообраќајка: Кога морате да повикате полиција

ОБЈАВЕНО НА:

Можно е некогаш и не по ваша вина да бидете вмешан и дел од сообраќајна незгода. Подолго време функционира користењето на Европски извештај за сообраќајна незгода според која вклучените возачи самите се договараат околу тоа кој е виновен. Тоа во голема мера ја олеснува работата, и го намалува времето на чекање на сообраќајната полиција и секако да се избегне метеж на улиците.

Возачите-учесници во сообраќајна незгода во која е предизвикана мала материјална штета се должни откако ќе го пополнат и потпишат Европскиот извештај за сообраќајна незгода, веднаш да ги отстранат возилата од коловозот и да овозможат непречено одвивање на сообраќајот.

Возачите-учесници во сообраќајната незгода во која е предизвикана мала материјална штета кои пополниле и потпишале Европски извештај за сообраќајна незгода, не се должни за истата да го известат Министерството за внатрешни работи.

Европскиот извештај за сообраќајна незгода не се пополнува и потпишува во случај на сообраќајна незгода во која има повредени лица, загинати лица и односно настанала голема материјална штета.

Но, има случаеви кога сепак морате да повикате полиција и таа да направи увид на местото на незгодата.

Полициските службеници на Министерството за внатрешни работи, се должни да излезат на местото на сообраќајната незгода во која е предизвикана мала материјална штета и да извршат увид, ако тоа го бара едниот од учесниците во сообраќајната незгода и тоа во случаи кога:

– едно од возилата нема регистарски таблици или истото не е осигурано,
– едно од возилата има странска регистарска таблица,
– еден од возачите е очигледно под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанци,
– еден од возачите не поседува возачка дозвола од соодветна категорија,
– на еден од возачите му е запишана прекршочна санкција – забрана на управување со моторно возило во возачката дозвола односно возачката книшка,
– еден од возачите одбива да ги даде своите лични податоци, односно податоците за возилото;
– еден од возачите го напуштил местото на сообраќајната незгода или
– ако возачот сам учествува во сообраќајна незгода.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK