ИНТЕРВЈУ Михаел Мерклер: Работевме и по 20 часа да го создадеме електричниот автомобил Quds Rise

ОБЈАВЕНО НА:

Електричниот автомобил Quds Rise што се промовираше во Бејрут пред некој ден се разликува од другите по тоа што е креација на Македонец. Потписот на дизајнот е на Михаел Мерклер, гостиварчанецот кој пред шест месеци замина во Бејрут и таму почна да го живее неговиот сон – да дизајнира автомобили кои потоа ќе се возат на улица. Со Мерклер се запознавме уште во 2019 година кога првпат го претстави концептот на електричниот автомобил, а потоа следуваше и период да одобрување. Сега автомобилот е веќе реалност.

Сонот се остварува, желбите се исполнуваат. Треба само време, работа и трпение. Секое потрошено време на она што го сакате кога-тогаш ќе се исплати. Доказ за тоа е Македонецот Михаел Мерклер кој после години минати во цртање на дизајни на автомобили конечно го виде своето дел од компјутер на улица. Пред неколку денови во Бејрут беше промовиран првиот либански електричен автомобил – Quds Rise кој е дизајнерско дело на нашиот сонародник кој од Гостивар стигна на сите насловни страници во Либан, во Арапскиот свет па и во Европа и Америка.

За разлика од оние што избираат, или едноставно отвораат врати во некоја фабрика и дизајнерско студио во Европа, Михаел доби понуда и не се двоумеше, иако таа го однесе на сосема поинакво место во Бејрут. Неговите дизајни и сега може да се најдат на платформите на младите „сонувачи“ на интернет кои ја цртаат сопствената визија на идеален супер автомобил.

Во интервјуто а www.24auto.mk Михаел Мерклер кој потекнува од Гостивар и долго време работел во индустрија која нема врска ниту допирни точки со автомобилите ни открива повеќе детали за неговиот прв автомобил. Нема диплома за дизајн, и 17 години работи на она што го сака – дизајн на автомобили.

Неговиот автомобил треба да забрзува од 0 до 100 за 5 секунди, со едно полнење ќе може да може да извози од 350 до 450 километри во зависност од стилот на возењето. Во возилото исто така ќе биде вграден специјален уред за дезинфекција на ентериерот со УВЦ зраци кој автоматски се активира по напуштање на вашето возило, уредот ќе може да се активира и деактивира преку мобилна апликација.

Во Либан промовиран првиот електричен автомобил чиј дизајнер е Македонец!

Освен во Либан, возилото ќе биде достапно во Германија, Данска, Канада, Палестина и Јордан. Но исто така верувам дека ќе биде достапно и  во некои други држави. Цената треба да биде 30.000 долари.

* Кога првпат контактиравме во летото 2019 година имаше сон, да дизајнираш автомобил што ќе се вози на улица. Тој сон пред некој ден стана јаве откако во Бејрут беше претставен Quds Rise, електричното возило. Колку време траеше создавањето и реализацијата на автомобилот?
Прво да напоменам, се работи за прототип кој ке помине низ уште неколку минимални промени до стартување на неговото сериско производство. Концептот на овој автомобил се раѓа по експлозијата во Бејрут. Создавањето на овој прототип траеше половина година, целиот процес беше исто така отежнат поради кризата со пандемијата, а еден период и Либан беше ставен под карантин, и тоа имаше големо влијание и во набавката на потребните материjали поради тоа што дозволата за движење беше лимитирана и некои добавувачи едноставно не работеа. Но нашата компанија имаше ветено дека прототипот ќе биде завршен на време, па поради тоа и покрај тешкотиите нашиот тим работеше неуморно  понекогаш и 20 часа со цел да го исполниме нашето ветување.

Михаел Мерклер го дизајнираше Quds Rise

* Првично автомобилот требаше да се произведува во Канада? Што се смени?
Да, првата идеја беше возилото да се произведува во Канада, но знаете Либан поминува низ еден кризен период каде што поради самата состојба многу луѓе останаа без своите работни места. Така да сопственикот на компанијата, Џихад Мухамед  дојде до идеја возилото да се произведува во Либан со тоа што тоа ќе  обезбедат многу нови работни места а исто така возилата ќе бидат 100% ‘’домашен производ’’

* Како изгледаше самата презентација на Quids Rise.
Имаше многу луѓе, фоторепортери, новинари и обезбедување. Кога автомобилат пристигна  управуван од г-дин Џихад , сите беа возбудени. Среќа, насмевката на лицата од нашите фанови и поддржувачи зрачеа со позитивна енергија. Тука беше присутен и целиот тим кој работеше на автомобилот, иако беа уморни тоа не ги сопре сите заедно гордо да стоиме до нашето дело. Едноставно сите сакаа да добијат шанса да се сликаат и да влезат во нашиот автомобил

* Либан не е баш место на кое многумина би решиле да заминат и да градат кариера во светот на автомобилите. Колку е Бејрут навистина место кое може да ти понуди остварување и реализација на се она што го имаш во главата како дизајн.
„Јас мислам дека дека многу луѓе ја гледаат само негативната страна, пред се тоа што се ‘’сервира’’ по медиумите. Либан е преубава држава доколку се даде предност и на светлата страна. Факт е дека не постои совршенство, секаде постојат добри и лоши страни. Што се однесува кон градењето на кариера, се не може да биде идеално  но јас лично сум презадоволен како се одвиваат работите. Сепак треба да ставиме во предвид дека сме нова компанија која има голем потенцијал , каде што сите ние имаме една иста заедничка цел и голема љубов и страст кон работата што ја извршуваме

* Колку размислуваше и дали воошто се двоумеше околу понудата да се преселиш во Бејрут. Колку е тоа поразлично место од она што го имаше во Гостивар? Ти недостасува ли нешто? Ти отвори ли некои други врати престојот во Бејрут?
„Искрено воопшто не се двоумев, понудата беше работата на моите соништа, а тоа што требаше да работам во Бејрут воопшто не ми правеше проблем. Многу мои сограѓани пробуваат да си ја најдат среќата во некои од европските држави , но јас секогаш сакав нешто поразлично. Во Бејрут не само што ја работам работата од моите соништа, тука стекнав и многу пријатели со кои можам да споделувам многу идеи. Луѓето се гостопримливи, сакаат да помогнат. Храната и климата се одлични. Единствено нешто што ми недостасува од моето живеалиште се мојата најблиска фамилија и блиските пријатели.

* Кои се плановите на EV Electra? Ова е само првиот автомобил. Што треба да следува?
Во план се изработка на електричен супер автомобил, луксузен седан, мал градски автомобил, теренец и такси автомобил. Исто така е во план воведување на инфраструктура низ целата држава за полнењето на нашите електрични автомобили кое ќе биде бесплатно.

* Како би го објаснил дизајнот на Quds Rise? Од што те инспирираше и колку е тоа блиску до твојот идеален дизајн?
„Како што веќе и напоменав, концептот се роди по експлозијата во Бејрут, во минатото Бејрут бил уништен 7 пати и повторно изграден, исто како митот за птицата Феникс кој повторно се раѓа од пепелта, така да и самиот дизајн е инспириран од птицата Феникс. Затоа и самите врати на автомобилот кој ќе биде во сериско производство ќе се отвораат нагоре кои ќе  наликуваат на крила. Дизајнот ќе помине уште низ неколку минимални промени за да го добие идеалниот изглед

* Највпечатлив е предниот дел, фацата на возилото. Но, некогаш не е важна каросеријата, туку машинеријата. Што конкретно има под хаубата? Дали и тоа е „домашен производ“ или сепак користевте некои готови делови за моторот?
„Прототипот е придвижени со електро мотор од 120KW кој е поставен во задниот дел на возилото и е напојуван од 50 киловатна батерија. Нашиот тим работеше на моторот и батеријата уште пред  да почне изработката на самиот прототип, другите механички делови како, суспензија, систем за кочење, систем за управување итн. ги нарачувавме од добавувачите со кои имаме склучено договор.

* Кога почнува производството, каде ќе се произведува и која ќе биде цената? Која е спецификацијата на возилото? За кој пазар најмногу е наменето возилото?
Се уште немам детални информации кога точно ќе се почне со сериско производство поради тоа што возилото може да претрпи некои промени, треба да помине низ тестови вклучувајќи ги и краш тестовите за да може да се обезбеди хомологација.
Инаку на стандардната верзија максималната брзина ќе му биде 165 км/час (електронски лимитирана) со забрзување од 0 до 100 за 5 секунди, со едно полнење ќе може да извезете од 350 до 450 километри во зависност од стилот на вашето возење.

Возилото ќе биде опремено со 15 инчен екран на допир на кој ќе можете да имате контрола на клима уредот, систем за навигација, информации околу возилото вклучувајќи го и процесот на полнење, 360 степени камера и така натаму.
Во возилото исто така ќе биде вграден специјален уред за дезинфекција на ентериерот со УВЦ зраци кој автоматски се активира по напуштање на вашето возило, уредот ќе може да се активира и деактивира преку мобилна апликација. Освен со нормалниот далечински  управувач, возилото ќе може да го отклучите или заклучите со помош на смарт часовник кој е посебно програмиран. Освен во Либан, возилото ќе биде достапно во Германија, Данска, Канада, Палестина и Јордан. Но исто така верувам дека ќе биде достапно и  во некои други држави.

* Електрично возило во земја каде постојано има проблеми со снабдувањето со електрична енергија? Како ќе се надмине овој проблем? Има ли полначи за батериите?
Да, Либан е земја која има проблем со снабдување со електрична енергија, но исто така тоа е и држава која има два извора на електрична енергија, тоа е Електроснабдување што го нуди самата држава и преку генератори. Но, исто така и самите соларни панели можат да се користат како извор за електрична енергија.
Самото возило поседува регенеративен систем за сопирање што во моментот кога ке ја ослободите педалата за забрзување, еден дел од кинетичката енергија се конвертира во електрична енергија која се вреќа во батеријата на возилото. Нашиот тим во одделот за истражување и развој работат на еден проект за кој ќе го оставам во тајност. Тоа е систем на кој самата шасија ќе претставува еден голем соларен панел, каде што секој извор на светлина ќе може да се конвертира во електрична енергија.
Се надеваме дека таквиот систем ке се имплементира во нашите возила во наредните неколку години. Инаку возилото ќе поседува полнач со кој ќе можете да го полните во домашни услови, полнењето ќе трае 8 часа, додека на брз полнач од 0 до 80% батеријата ке биде наполнета за 30 минути.

* Ти самиот велиш дека си самоук дизајнер кој користејќи апликација за дизајн создаваше автомобили. Има ли некој нов дизјант што наскоро може да го видиме со твој потпис.
„Да мојата пасија кон автомобилскиот дизајн се раѓа уште како дете. Со тоа што на 14 годишна возраст почнувам со самостојно изучување на апликацијата 3Д макс со цел моите идеи за автомобилски дизајн да ги претставам во 3Д виртуелниот свет. Следно возило кое најверојатно ќе го напушти  виртуелниот свет е QUDS CAPITAL ES – луксузен седан  кое ке биде во Класата на луксузни автомобили како што е Мајбах но секако достапно и за луѓе од средната класа.

Откако Михаел го „скрши мразот“ со првото возило, во иднина веруваме дека сите негови планови и дизајни ќе се остварат. Дотогаш ќе го следиме неговиот раст.

Горан Антевски

Следете не и на:

24AUTO NETWORK