Иако италијанските производители својата популарност во 50-те и 60-те години од минатиот век ја доживеаја благодарение на безвременските лимузини, сепак во последните 2-3 децении имаат мака со овие автомобили.
Единствената светла точка во целата Групација на Fiat е моделот Thesis на Lancia кој е практично последната италијанска лимузина.
Овој модел доаѓа во 2001 година откако година претходно концептниот модел е премиерно претставен во присуство на тогашниот Папа. Во производство влегува во 2001 година, во фабриката Ривалта во близина на Торино каде се произведува две години пред да се префрли во Мирафиори.
Екстериерот е дело на американецот Мајкл Робинсон кој се потпишува како дизајнер на овој модел. За ентериерот пак, задолжен беше Флавио Манцони кој е дизајнер на сите Ferrari модели кои се појавија во последните 10-тина години, но и на Volkswagen Scirocco, VW Golf VI и VW Golf VII.
Невообичаениот дизајн е зачинет со италијанската елеганција, пред се онаа која е својствена за сите модели на Lancia. Должината од 4.890 мм и меѓуоскиното растојание од 2.800 мм овозможува голмеа пространост за сите патници. Долгите патувања воопшто не се проблем пред се поради ергономските и комфорни седишта кој се специјално изработени за овој модел.
Во однос на мотористиката, во понудата Thesis беше достапен со шест мотори и вкупно девет различни верзии комбинирани со 5 степен автоматски и 6 степен мануелен менувач. Најмоќниот во понудата беше 3,2 V6 мотор со 227 КС.
Thesis е и првиот Lancia автомобил со адаптивен круз контрол од Bosch, а тука е и бројната опременост како што е ABS и ESP системите, воздушните перничиња, би-ксенон светлата, двозонската автоматска клима и многу друго.
Во својот животен век, овој модел беше продаден во нешто над 16 илјади примероци што воопшто и не е лоша бројка, споредбено со останатите конкуренти.