Пред четврт век, во 2000 година, Audi го претстави A2, компактен премиум автомобил кој и денес важи за пионер во лесната конструкција и аеродинамиката. Со целосно алуминиумска каросерија базирана на Audi Space Frame технологијата, тежеше само околу 153 килограми – 40% помалку од еквивалентна челична конструкција.
Моделот беше развиен со цел да понуди врвна ефикасност и ниска потрошувачка. A2 1.2 TDI беше сензација – со 61 КС, автоматизиран менувач и оптимизирана аеродинамика (Cd 0,25), успеа да ја пробие границата од 3 л/100 км и да стане првиот “три-литарски” автомобил во светот со четири врати.
Дизајнерите Лук Докерволке и Стефан Силаф му дадоа на A2 футуристички изглед кој во тоа време поларизираше мислења – дел од публиката беше воодушевена, други беа скептични. Во 2003 Audi ја претстави специјалната colour.storm серија во смели бои како Papaya Orange, Imola Yellow и Sprint Blue со контрастни црни детали.
Од 1999 до 2005 беа произведени 176.377 примероци. Иако продажбата не ги исполни очекувањата, денес A2 има култен статус. Клубови и форуми за A2 продолжуваат да растат, а моделот се смета за достапен класик со стабилна вредност и ниски трошоци за гориво.

| Мотор | Период на производство | Број произведени |
|---|---|---|
| 1.2 TDI (61 КС) | 2000–2005 | 6.555 |
| 1.4 бензин (75 КС) | 2000–2005 | 81.649 |
| 1.4 TDI (75 КС) | 2000–2005 | 69.676 |
| 1.4 TDI (90 КС) | 2001–2005 | 7.416 |
| 1.6 FSI (110 КС) | 2002–2005 | 11.081 |
Денес, Audi A2 останува инспирација за автомобилската индустрија – доказ дека компактен автомобил може да биде премиум, лесен и ефикасен, а сепак да нуди практичност и удобност за секојдневна употреба.









