Криењето на големата емисија на штетни гасови ќе ја чини компанијата Fiat Chrysler многу поради тоа што сопствениците на возила на дизелски погон во САД ги бараат своите права. Министерството за правда во мај поднесе тужба до Fiat поради измама на тестовите на издувни гасови на повеќе од 100.000 камиони и теренци од марката Jeep со дизел мотори и тоа во периодот од 2014 до 2016 година. Овој случај сега се продлабочува, па компанијата се наоѓа во многу тешка позиција.
После тужбата од Министеството за правда следуваа многубројни поединечни тужби. Од Fiat се обидуваат преку преговори со сопствениците на возилата да избегнат судење и да најдат излез од ситуацијата.
Минатата година Владата на САД за измама на тестовите го обвини Volkswagen, кој ја призна вината после кривичните пријави. Овој скандал беше платен скапо и го чинеше Volkswagen дури 30 милијарди долари. Слично нешто му се заканува сега и на Fiat Chrysler.