SEAT е клучен бренд на VW Групацијата за освојување на Азија и Африка

ОБЈАВЕНО НА:

SEAT ќе биде клучниот бренд во Volkswagen Групацијата преку кој ќе се реализира планот за заземање на лидерската позиција во Африка и Кина. Ова за Automotive News го потврди првиот човек на шпанскиот производител Лука де Мео.

Од стратешкиот план кој пред извесно време го објави Volkswagen Групацијата јасно се гледа улогата на SEAT и Skoda во освојувањето на кинескиот пазар. Токму поради големата конкуренција на овој растечки пазар, Volkswagen не може самостојно да се бори против кинеските и јапонските производители па наскоро шпанскиот и чешкиот производител ќе започнат со инвазија на овој пазар.

Лука де Мео во интервјуто потенцираше дека SEAT интензивно се подготвува да прерасне во најпродаван бренд во земјите од Северна Африка, а за тоа веќе се спроведени неколку инвестиции во фабриката во Алжир. Тој истакна и дека активно се работи на развојот на електрични автомобили со кои ќе се настапи на кинескиот пазар.

Де Мео збореше и за очекувањата за следната година кога SEAT планира да го надмине рекородот во поглед на продажбата во 2000 година кога шпанскиот производител продаде 515 илјади автомобили.

Во интервјуто откри и дека првиот целосно електричен автомобил SEAT ќе го претстави кон крајот на 2019 година, но не подоцна од 2020 година. На прашањето кога шпанскиот бренд ќе го претстави својот втор EV компактен модел базиран на MEB платформата де Мео откри дека тоа ќе се случи во текот на 2020 година.