На 1 јануари Кина „брише“ од продажба дури 553 модели

ОБЈАВЕНО НА:

Почетокот на 2018 година ќе значи и крај на продажбата за дури 553 модели на патнички автомобили во Кина. Се работи за моделите чија потрошувачка на гориво не ги задоволува новите норми кои се воведени во земјата со цел да се смали загадувањето на воздухот во градовите.

Меѓу моделите коишто се укинуваат има и автомобили од познатите светски марки како Audi, Chevrolet, Mercedes…

Бројот од 553 модели делува огромен, но од кинеската асоцијација на произведувачи на патнички автомобили велат дека е во прашање „многу мал“ процент од вкупниот број на модели на автомобили кои се прават во Кина.

Списокот на автомобили кои не ги исполнуваат пропишаните норми за потрошувачка беше составен од кинескиот центар за технологија, а ова е првпат во Кина да се формира ваква листа. Надлежните најавуваат дека вакви листи ќе ги има и во иднина и постепено ќе се тргаат спорните возила и ќе се градат исклучиво возила коишто се вклопуваат во еколошките стандарди.

Инаку, во Кина се размислува за забрана на продажбата на автомобили кои користат бензин или дизел гориво поради големата загаденост на воздухот во градовите.

Според податоците годинава во Кина се продадени 490.750 „зелени“ автомобили, а најпопуларниот модел е BAIC EC-Series, од кој се продадени вкупно 64.910 примероци.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK