Конечно: Ќе се субвенционира купување електрични возила, вградување на уреди за ТНГ и метан…

ОБЈАВЕНО НА:

Со цел да се намали загадувањето од возилата, но и да се исчисти кршот што сега се наоѓа на патиштата низ Македонија наскоро ќе почне програма за субвенционирање. Според информациите на ТВ 21, на последната седница на Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за економија усвоени се измени за дополнување на законот за возила.

Со овие измени се предвидува:
* Воведување на налепници за секое возило кое учествува во сообраќајот, согласно еколошките стандарди. Целта од воведувањето на еколошката налепница согласно одредбите на Законот за возила е да придонесе во заштитата на животната средина и здравјето на луѓето во урбаните средини.

– Зелена боја (I категорија): Возила со европски емисиони стандарди ЕУРО 5 и ЕУРО 6, како и возила со емисија на издувни гасови ЕУРО 4, на кои е вграден уред на течен нафтен гас или компримиран земјен гас, хибридни возила и електрични возила. Тие слободно ќе се движат во заштитените еколошки зони дури и при енормно загадување на воздухот во градските средини.

– Жолта боја (II категорија): ЕУРО 3 и ЕУРО 4, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 2 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас. Тие ќе има ограничено движење во сообраќајот, во зависност од Одлуките донесени од општините, односно од град Скопје во деновите кога ќе се утврди надминување на прагот на загаденоста .

– Црвена боја (III категорија): Од ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови. За нив ќе се воведе забрана за движење во општините во период кога има загадување на воздухот.

* Воведување субвенции за купување на возило на електричен погон или хибридно возило.

* Воведување субвенционирање на трошоци за вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во постоечките возила.

* Воведување субвенции за купување на нови возила, со одјава на старо возило. Со ова ќе се зголеми увозот на нови возила во однос на половните, со што значително ќе се забрза обновата на возниот парк.