Имате електрично возило? Еве каде можете да го полните во Македонија

ОБЈАВЕНО НА:

ЕВН започна со имплементација на нов проект со наслов „Електомобилност со ЕВН“. Крајната цел на овој проект е поширока адаптација на електромобилноста во Македонија.  Следејќи ги глобалните трендови, ЕВН презема конкретни чекори за создавање на главниот предуслов за користење на електричните возила, а тоа е широка национална инфраструктура за полнење.

Поради ограничувањата на моменталната технологија на електрични возила, без станици за полнење на секои минимум 100 километри, долгите патувања со овие возила се практично невозможни. Токму затоа ЕВН во соработка со општините во моментов гради сериозна инфраструктура на полначи низ целата држава. Во рамки на проектот за развој на електромобилноста, ЕВН во моментов поставува над 40 станици за полнење на електрични возила на централни јавни локации во 17 градови во Македонија.

Во Град Скопје, поставени се повеќе полначи кои покрај на јавни површини, достапни се и во фреквентни објекти како хотели, ресторани, шопинг центри и слично. Со вака развиена мрежа на полначи сопствениците на електрични возила од земјава и од странство ќе можат да патуваат во било кој правец во и надвор од границите на Македонија.

Користењето на полначите на ЕВН во промотивен период од една година ќе биде бесплатно за сите корисници. Заинтересираните  сопственици на електрични возила ќе мораат најпрво да се пријават за електронска картичка за користење на полначите, и тоа на www.elektrodistribucija.mk, emobility@evn.mk или во Инфо центарот на ЕВН.

ЕВН во иднина ќе продолжи со понатамошно ширење на мрежата на електрични полначи со една јасна цел – зголемување на бројот на електрични возила на македонските улици. Така  ќе се придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот, помала бучава во урбаните средини и долгорочна одржливост на животната околина. Електричните возила се еколошки, поекономични, поефикасни и побезбедни од обичните возила, и преку овој проект на ЕВН, тие ќе бидат и подостапни за македонските граѓани.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK