Германија ги призна македонските возачки дозволи

ОБЈАВЕНО НА:

Во иднина македонските државјани што се на привремена работа во Германија или оние што се решиле таму да продолжат да живеат ќе можат да ги заменат македонските возачки дозволи со германски. Тоа ќе им заштеди време и најмалку 1.500 евра колку што чини полагање за возачки испит во Германија.

Според извори на Дојче Веле, постигнат е договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи. Се очекува договорот наскоро да стапи во сила, иако никој не сака да прогнозира кога точно тоа би можело да се случи. Македонските државјани кои живеат или работат во Германија ќе можат да ги заменат своите матични возачки дозволи за германски.

Тоа е особено важно како за македонските државјани кои имаат постојано живеалиште во Германија, но и за оние кои често патуваат во земјата, бидејќи досега правото да управуваат со моторно возило во Германија го имаа само во првите шест месеци од престојот. Потоа, мораа да полагаат одново возачки испит- што чини и пари и време.

Државите од Балканот кои не се членки на ЕУ потпишуваат билатерални договори со Германија за регулирање на ова прашање. Србија и Босна и Херцеговина веќе извесно време имаат такви договори, но Македонија немаше.

Преговорите меѓу надлежните министерства во Берлин и Скопје околу меѓусебното признавање на возачките дозволи траат повеќе од една деценија, од 2007 година.
Заедничката декларација која ќе биде потпишана со Германија не подложи на ратификација, па оттука договорот ќе стапи на сила на денот на неговото потпишување.

Македонските иселеници во Германија минатата година покренаа и онлајн- петиција со цел да се забрза постапката за признавање на возачките дозволи. Бројот на македонски државјани кои живеат и работат во Германија во изминативе години достигна 100 илјади. Голем број од нив се соочуваат со проблеми во секојдневието и во извршувањето на работните задачи поради тоа што немаат валидна возачка дозвола. Полагањето за нова, германска, возачка дозвола во просек чини околу 1.500 евра.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK