Porsche Panamera караван или Sport Turismo?

ОБЈАВЕНО НА:

Сакате да имате Porsche Panamera а притоа ви треба и поголем багажник и повеќе простор за патниците на задните седишта. Тогаш ќе го почекате новиот караван што компанијата го најави, а сега ја има и продукциската верзија. Се работи за моделот Sport Turismo, иако е всушност караван, но Германците не сакаат така да го нарекуваат.

Porsche новиот модел ќе го претстави на саемот во Женева. Доаѓа пет години по промовирањето на концептот Sport Turismo, и сега доаѓа до реализација на идејата за практична верзија на Panamera. А штом е реализирана идејата, тогаш сигурно ќе има и купувачи за овој модел.

Сериската верзија на Panamera Sport Turismo се заснова на актуелната, втора генерација на Panamera. Сѐ до Б столбот двата модели се идентични, а потоа линијата на кровот на Sport Turismo верзијата продолжува право и нешто подалеку во однос на класичната Panamera. На тој начин патниците на задните седишта добиваат повеќе простор за главата, а багажникот стигнува до 520 литри. Корисниот простор се зголемува до 1.390 литри со спуштање на задната клупа.

Ако се споредуваат според мерките, тогаш Sport Turismo е со иста должина како и регуларната Panamera, односно 5.049 мм, а и ширината е иста, 1.937 мм. Новиот модел е повисок за 5 мм.

Исто како и регуларниот модел и кај Sport Turismo има активен заден спојлер, што автоматски се поставува во еден од трите предефинирани положби во зависност од брзината на движење и одбраниот начин на возење.

Во почетокот купувачите ќе може да избираат меѓу пет верзии, односно Panamera 4, Panamera 4S, Panamera 4S Diesel, Panamera 4 E-Hybrid и Panamera Turbo. Врвот на понудата, Panamera Turbo Sport Turismo е со 542 КС што се добиваат од твин турбо 4.0 литарски V8 мотор. Другите варијанти се меѓу 325 КС и 456 КС.

Цената на основниот модел на Panamera 4 Sport Turismo во Германија ќе чини 97. 557 евра, а најсилната верзија Panamera Turbo Sport Turismo ќе чини 158.604 евра.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK