Mazda потврди новитет за во Женева

ОБЈАВЕНО НА:

Иако во моментов во центарот на вниманието е саемот во Детроит, сепак некои производители веќе се насочуваат кон најголемиот саем во Европа, саемот во Женева.

Така на пример јапонскиот производител Mazda во официјално соопштение го потврди доаѓањето на еден новитет кој ќе биде претставен токму на саемот во Женева закажан за во март годинава.

Јапонскиот производител е толку мистериозен што воопшто не сподели информации за тоа за каков модел станува збор па така веќе се започна со најразлични шпекулации. Откако новата Mazda 3 дебитираше минатата година, а земајќи во предвид дека актуелниот модел CX-5 на пазарот е речиси две години, останува дека на овој саем ќе биде претставена новата генерација од Mazda 2, Mazda CX-3 или Mazda CX-4.

Актуелната генерација на Mazda 2 датира од 2014 година па оттука периодот од 5 години е сосема доволен за лансирање на новата генерација. Сепак некои медиуми го исклучуваат овој модел поради како што велат “толку бура за мал автомобил никој не дига”.

Со оглед на тоа што Mazda CX-4 беше премиерно претставена во 2017 година во Пекинг и беше најавено дека овој модел ќе се продава само во Кина, се исклучува и овој модел што значи дека на овој саем најверојатно ќе биде претставена новата генерација на Mazda CX-3.

Актуелната генерација беше претставена на саемот за автомобили во Лос Анџелес во 2014 година, а во производство влезе година подоцна во фабриките во Јапонија и Тајланд.

Оттука новата CX-3 се очекува да дојде со последната технологија на Mazda, најновите мотори, со попривлечен дизајн и поголема пространост во внатрешноста. Целта е јапонскиот производител со овој модел долгорочно да конкурира на Hyundai Kona и Toyota C-HR па оттука се планира и хибридна изведба на овој најмал SUV во понудата на Mazda.

Доколку се остварат прогнозите и на саемот во Женева биде претставен овој модел тогаш во производство овој модел ќе се појави веќе следната година.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK