Рекламата за лакот за нокти на Renault ги налути феминистките – била сексистичка

ОБЈАВЕНО НА:

Автопроизводителите и нивните маркетинг оддели отсекогаш се обидувале автомобилите да ги прикажат со светло кое подеднакво ќе привлече и мажи и жени купувачи. Но, желбата автомобилите да се направат попривлечни и за жените, во случајот со францускиот автопроизводител Renault создаде бурни реакции меѓу активисти за женски права дека неговата најнова реклама e сексистичкa.

Renault неделава лансираше нов производ – лак за нокти којшто истовремено може да се користи како боја за покривање на гребнатинки на новото Twingo. Лакот за нокти, наменет за жените возачи, се нуди во истите четири бои во кои се произведува и мини автомобилот.

„Со овој лак, сопственичките на автомобилите ќе можат да ја усогласат бојата на ноктите со бојата на нивниот автомобил“, стои во соопштението за медиуми од Renault.

При тоа, за новиот производ Twingo nail polish (Twingo лак за нокти) го промовираше и видеото, кое прикажува модерна жена која ги лакира ноктите да одговараат со нејзиното светло – сино Twingo, а потоа со четката во еден потег ја покрива и гребнатинката на автомобилот. Видеото завршува со зборовите „Нека засјаат и вашите нокти и вашиот автомобил“.

Критики за видео спотот, како и за производот веднаш се појавија на социјалните медиуми, како и меѓу активистите за женски права.

„Според промоцијата, жената се сведува на грижата за убавина и на неумеењето да вози“, рече Мари-Ноел Бас, претседателката на француското феминистичко здружение Chiennes de Garde. „Оваа подмолна, едноставна и сексистичка реклама поставува фундамент за најлошото, зашто рекламата ја ограничува способноста на жената.

Критиките на Twitter, се однесуваа на тоа дека Renault сугерира оти усогласување на бојата на ноктите и бојата на автомобилот е приоритет за жената.

Од Renault ги оспоруваат обвинувањата дека рекламата за лакот за нокти е сексистичка, објаснувајќи дека Twingo автомобилите се наменети за урбани жени кои сакаат да ги прилагодуваат своите возила, додавајќи дека рекламата не прикажува жена која не знае правилно да паркира. „Лакот не е ексклузивно наменет за жените, туку целта е да им го олесниме животот на сите наши клиенти, машки и женски“, велат од Renault.

Лакот за нокти го произведува Ink and Out од Париз, а се продава во салоните на Renault, како и преку нивната Интернет страница за 8,90 евра.

Во 2005 година и Ford Motor во соработка со козметичката компанија OPI понуди три лака за нокти кои беа исти како боите на Mustang, а подоцна, во 2014 година 50-от роденден на Mustang го одбележаа со шест бои на лак за нокти.

Всушност, првиот производител на модерниот лак за нокти, французинот Мишел Менард во раните 1920-ти години ја осмисли формулата со бои слични на оние кои се користат за фарбање на автомобили.

Сепак, експертите предупредуваат дека ниту лакот треба да се користи за покривање на гребнатинки на автомобилот, ниту пак боја за автомобили треба да се користи како лак за нокти. Во првиот случај гребнатинката и понатаму ќе се познава, и автомобилот не е заштитен од корозија, а во вториот случај може да дојде до оштетување на прстите.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK